ВМРО-ДПМНЕ сеуште тактизира околу кандидатот за Кавадарци

Во четврток истекува крајниот рок според Државната Изборна Комисија за пријавувањето на кандидатите за градоначалници. Додека СДСМ ги објави своите кандидати за сите градови, ВМРО-ДПМНЕ сеуште тактизира. Посебно интересна е ситуацијата во Кавадарци.

Додека општинската организација на СДСМ од Кавадарци уште во саботата објави дека кандидат за градоначалник на Кавадарци од оваа партија ќе биде пратеникот Бетиан Китев, ВМРО-ДПМНЕ сеуште тактизира со својот кандидат.

Тоа тактизирање дополнително им дава оган на разните шпекулации и муабети низ кавадаречката чаршија. Сепак, дознаваме дека многу од тие шпекулации имаат и своја издржана основа. Овде ексклузивно ви ги откриваме можните кандидати од ВМРО-ДПМНЕ и сите калкулации околу секој од нив.

Митко Јанчев (локален бизнисмен – сопственик на Кожувчанка)

Според извори од ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци, најголеми шанси има токму Јанчев бидејќи споредено со останатите можни кандидати од ВМРО-ДПМНЕ имал највисок рејтинг.

Иако самиот не сакал да биде кандидат, и јасно кажал дека сака да остане во приватниот сектор, сепак имал големи притисоци од раководството на ДПМНЕ.

Наводно, притисоци за да ја прифати кандидатурата доаѓале директно од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, т.е. од Никола Груевски и од неговиот братучед Сашо Мијалков, но и од Илија Димовски и Антонио Милошовски.

Имено притисоците понекогаш биле и директни закани дека ако не прифати, ќе обелоденат детали за наводни сомнителни тендери кои Јанчев ги добивал од локалната власт. На овој начин се обидувале да го притиснат г-нот Јанчев да ја прифати кандидатурата. Со неговата кандидатура се надевале и дека ќе обезбедат и финансии за кампањата за Кавадарци, т.е. дека Јанчев ќе го покрие целосно овој дел.

Горица Пеливанова Вилхелм (претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци и претседавач со Советот на општина Кавадарци)

Пеливанова, иако имала низок рејтинг на анкетите, имала висока подршка кај еден дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, чии аргументи биле дека откако таа е претседателка на ОК ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци, оваа партија во Кавадарци немала пораз, иако на последните избори разликата беше многу мала во корист на ДПМНЕ.

Сепак, слабите ораторски способности, но и скандалите со непотизам, т.е. вработувања на целото семејство во администрацијата, биле само дел од пречките за таа да биде објавена како официјален кандидат.

Панчо Минов (пратеник во Собранието на Република Македонија)

Иако на анкетите котирал подобро од Горица Пеливанова, сепак членството на ВМРО-ДПМНЕ никако не сакало да прифати Панчо Минов да биде нивни кандидат за градоначалник. Караниците оделе до таму да се испраќале пораки до централата на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, дека доколку Минов биде кандидатот, ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци целосно ќе се распадне.

Г-нот Минов кој е познат по лесното менување на политички партии, досега беше два пати градоначалник на Кавадарци, два пати пратеник (ова му е трет мандат), и еднаш советник. Во својата политичка кариера ги смени скоро сите можни партии од македонска страна. Членовите на ДПМНЕ од Кавадарци особено не можат да му го заборават моментот кога на седница на Советот на општина Кавадарци ги колнеше до трето колено и им делеше закани на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Дознаваме дека Минов бил еден од најсериозните кандидати, но дебаклот со лозарите на последната трибина, била една од причините за намалувањето на шансите тој да биде кандидат, иако сеуште ништо не се знае.

Зоран Јованчев (советник во општина Кавадарци)

Јованчев е советник во општина Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Иако нема некоја преголема подршка од партијата која е поделена на две фракции, се смета како можно трето решение, и со цел да се намали револтот на членството. Дознаваме и дека Јованчев на анкетите котирал доста слабо.

Како петта опција бил и докторот Никола Трендафилов, поранешниот директор на Здравствениот Дом во Кавадарци, но тој не бил доволно познат на кавадаречката јавност.

За крај можен кандидат е и сегашниот градоначалник Александар Панов, но по пресудата на два месеци затвор за изборен поткуп, неговите шанси значително се намалија, иако не е целосно отфрлен од игра.

Сепак дознаваме дека искрено ниту еден од кандидатите немал желба да се кандидира откако им биле презентирани анкетите, каде Бетиан Китев водел убедливо пред сите кандидати. Кавадарчани деновиве на шега коментираат низ чаршијата: „Еве чекаме кој ќе биде жртвеното јагне од ВМРО-ДПМНЕ“.