(ВИДЕО) Ечат македонски песни во Република Грција

Дали е на повидок крај на балканскиот национализам? Можеби не целосно, но работите сигурно се движат во подобра насока. Пред само неколку месеци на грчката национална телевизија ЕРТ се емитуваше емисија за фолклорни групи од Северна Грција, кои во емисијата пееја македонски народни песни.

Изминатово лето во Република Грција (поточно во делот на Егејска Македонија) се одржаа повеќе културни настани каде илјадници грчки граѓани со македонско потекло од Воденско, Леринско и од останатите региони пееја и играа на македонски песни.

Иако и изминатите години во селата во Северна Грција, во кои живеат голем број на Македонци, се одржуваа вакви настани, сепак тие не поминуваа без инциденти предизвикани од грчките националисти.

Сепак, евидентно е дека тој национализам некако како да има стишено и граѓаните кои живеат во Северна Грција, а се со македонско потекло, имаат слобода да ја негуваат својата култура и фолклор.

Видеата се од пред два месеци и според описот се дел од некој културен настан од Северна Грција.

Дали балканските национализми конечно ќе завршат и ќе може да влеземе во една нова епоха на соработка и културен натпревар на идеи, она што беше и замислата на Гоце Делчев?

Дали конечно и грчката држава ќе покаже добра волја за да се затвори долгогодишнот спор помеѓу Република Македонија и Република Грција?

Јасно е дека во секоја држава на Балканот живеат луѓе од различни народности и националности. Но, тоа ја чини една држава побогата, а не посиромашна. Тоа што малцинствата ќе добијат поголеми права, тоа не значи дека со тоа автоматски ќе биде загрозена позицијата на мнозинството.

Она што треба да се негува е соработката во насока на тоа целиот Балкан да стане дел од Европската Унија. Доста време националистите од балканските земји ги труеја граѓаните со измислени приказни, со лаги и со ширење страв за некакво губење на идентитетите.

Можеби ова се сигнали дека доаѓаат времиња на подобри и затоплени односи помеѓу народите на Балканот, особено помеѓу Македонија со своите соседи Бугарија и Грција, земји со кои долго време имаше и сеуште има нерешени прашања.

Коментари

коментари