Премиерот Заев на трибина во Кавадарци „Силна економија – шанса за сите“

Во текот на вчерашниот ден во големата сала во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, беше одржана економска трибина „Силна економија – шанса за сите“, со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Интересот за трибината кај граѓаните на општина Кавадарци беше огромен.

И покрај фактот што трибината беше организирана во работно време, сепак салата при Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ беше преполна.

На трибината исто така присутни беа претставници на Регионалната стопанска комора и претставници од локалната смоуправа.

Во своето воведно обраќање пред присутните бројни граѓани од Кавадарци и регионот, премиерот Заев истакна дека реформите, новите економски политики и Договорот од Преспа, како и нашето членство во НАТО, кое е во процес на ратификација во парламентите на земјите члени на алијансата, поттикнаа силни и позитивни развојни економски трендови.

Претседателот на Владата потенцираше дека 2018 година ја завршивме со рекордна вредност на странските директни инвестиции од 624,5 милиони евра. Во наредниот период се очекуваа приливот на странски капитал во Македонија да достигне и до една милјарда евра годишно.

Премиерот истакна дека стабилната политичка клима и поддршката на преку 250 домашни компании, обезбедија зголемен број на нови, добро платени работни места, постојан раст на просечната плата и трендови кои влијае на растот на БДП на државата како индикатор за општествен раст.

Исто така на трибината премиерот Заев најави дека од 1 јули ќе започне мерката за враќање на 15% од данокот за додадена вредност на граѓаните.

“Секој граѓанин на возраст од 15 години нагоре, ќе може да приложи фискални сметки од широката потрошувачка, со што секое семејство ќе може да смета дека во текот на една година назад, во семејниот буџет, ќе си врати околу 30 илјади денари“, информираше премиерот Заев.

Во продолжение премиерот Заев додаде дека вкупниот износ кој ќе се врати назад кај граѓаните од повратот на ДДВ, се проценува дека ќе изнесува од 60 до 100 милиони евра.

Покрај ова беше најавен новиот пакет на социјални закони со кои од сиромаштија ќе извлечат 400 илјади наши сограѓани.

Беше најавено и дека социјалната помош од сегашните 3900 денари, ќе порасне не нешто повеќе од 11 илјади денари, и тоа е само една нова мерка која опфаќа и многу други во системот на заштита.

Растот на платите во 2018 година беше рекорден. Со овој тренд на растот на платите од 6% на годишно ниво, премиерот Заев најави дека во 2020 година ќе ја оствариме и просечна плата од 500 евра.

Беше најавена и реализација на одредени инфраструктурни проекти во овој регион. Конкретно за Кавадарци се спомнаа големи инвестиции пред се во инфраструктурата, во нови патишта и реконструкција на старите, како и во изградба на граничниот премиин Пуљевац со Грција.

Покрај ова ќе се градат и Чебрен и Галиште на Црна Река, инвестиција вредна околу 800 милиони евра.

Премиерот Заев информираше дека за Кожув се бара странски концесионер кој ќе изгради модерен скијачки центар и зимски рекреативен центар.

На крај премиерот и вицепремиерот соопштија дека очекуваат 2019 година, да биде една од најуспешните години на економски план за Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.