(СКАНДАЛ) Политички реваншизам во ФК Тиквеш. Двајца тренери избркани по директна наредба на градоначалникот

Огромен скандал во фудбалскиот клуб Тиквеш од Кавадарци. Двајца млади фудбалски тренери денеска се избркани од работа по директна наредба на градоначалникот на Кавадарци, бидејќи биле членови и симпатизери на СДСМ.

На тренерите Петар Николов и Диме Златев, денеска им било соопштено дека повеќе не се пожелни во ФК Тиквеш, бидејќи биле подржувачи на СДСМ. Ова им го кажал лично директорот на клубот, кој им рекол дека наредбата била дадена лично од градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.

Се работи за двајца дипломирани професори по физичко образование со УЕФА лиценци за работа со младински категории.

„Јас сум разочаран од одлуката на раководството на ФК Тиквеш која е по директива на градоначалникот, но сепак не сум изненаден. Очигледна е политичката позадина во оваа одлука. Тоа денеска директно ни беше кажано. Ние како тренери сме професионалци и секогаш најпрофесионално сме ги извршувале нашите задачи како тренери на младинските и кадетските категории во ФК Тиквеш.“ – ни изјави Николов, еден од тренерите.

Двајцата тренери, имаат подолг ангажман во фудбалскиот клуб Тиквеш, и се без дамка во досегашната кариера.

Тие, иако млади, имаат долгогодишно работно искуство во фудбалот, прво како фудбалери, а подоцна како професионални тренери. Истите имаат доста добар углед кај самите фудбалери, но се доста ценети и почитувани и од нивните колеги.

Единствена причина за отказот, како што им било соопштено, било поради тоа што не биле подржувачи на ВМРО-ДПМНЕ.

Партиските чистки на неистомислениците се препознатлив белег за ВМРО-ДПМНЕ. Со клубот ФК Тиквеш моментално раководат луѓе блиски до градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.

Фудбалот и општо спортот во Кавадарци, и на професионално и рекреативно ниво, изминативе 8 години е на најниско и најмизерно ниво.