ПРИМЕР ЗА ПОЧИТ: Болницата во Кавадарци добива модерен европски лик

Изградена пред 30-тина години, Болницата во Кавадарци беше препознатлива по својата грандиозност и беше вистинска гордост на Кавадарци. Но, сепак, долги години овој објект беше оставен на забот на времето и се распаѓаше. Цели 30 години во оваа јавна здравствена установа не беше инвестирано скоро ништо. Се до пред 8 месеци, кога на чело на Болницата дојде д-р Диме Коцев, реномиран хирург-уролог, кој се истакна со своите менаџерски способности.

Кавадарчани денес повторно со гордост коментираат за Болницата, во која иако има уште многу да се работи и подобрува, сепак полека добива модерен европски лик и станува регионален центар. Во неа покрај од Кавадарци, редовно се лекуваат граѓани и од општините Неготино, Росоман и Демир Капија.

Кога пред 8 месеци, беше назначен нов директор на Болницата многумина со скепса коментираа дека нема ништо да се промени со оглед на затекнатата состојба во Болницата која беше во долгови од над 500.000 евра.

Сепак, новиот директор, д-р Диме Коцев, покажа дека со домаќинско и квалитетно менаџерско работење, работите може да се променат на подобро.

Д-р Диме Коцев има завршено специјализација по урологија на Медицинскиот Факултет во Скопје и работи како специјалист по урологија во Општата Болница во Кавадарци. Тој на чело на Болницата доаѓа како кадар на Општинската Организација на СДСМ од Кавадарци.

Првата работа што се промени беше хигиената во Болницата. И пациентите и вработените тогаш коментираа дека хигиената во Болницата е значително подобрена. Исто така, се среди и проблемот со затоплувањето во Болницата. Ако претходно пациентите носеа греалки, сега тоа воопшто не е потребно, бидејќи просториите во Болницата се затоплени и пријатни за престој.

Следно беше опремувањето на Болницата, кое трае до ден денес. Најпрво, беше ставена во функција сондата за ехо на срце во кардиолошката амбуланта, за прв пат во оваа Болница. Пациентите од Кавадарци и регионот повеќе не мораат да одат во Скопје за ехо на срце.

Опремување на Болницата со нови современи апарати

Понатаму во Болницата беше донесен и активиран колоноскоп (апарат за испитување на дебелото црево), кој беше донација од компанијата Дрекслмаер.

Колоноскопијата е дијагностичка метода, која ја нема во поширокиот регион (ја нема ни во Велес, Струмица, Прилеп, Гевгелија), па затоа сега многу граѓани и од тие градови доаѓаат на преглед во Кавадарци. Болницата во Кавадарци полека станува вистински регионален центар.

Ангажирање гинеколог кој е присутен 24/7 во Болницата

Според д-р Диме Коцев, целта им е да ја донесат медицината поблиску до граѓаните и да услугите на Болницата бидат лесно достапни за сите граѓани. Токму затоа во Болницата е ангажиран гинеколог од Клиниката за Гинекологија и Акушерство од Скопје. Ако претходно многу често трудниците беа пораѓани од медицински сестри, сега 24/7 има достапно гинеколог кој комлетно го врши породувањето на трудниците од Кавадарци и регионот.

Поставување ограда околу Болницата, како и Болнички портал

Денес Болницата во Кавадарци со право може да се пофали дека го има најмодерниот Болнички портал во Републиката. Дознаваме дека наскоро се планира да се реновира и чуварата и да се постави порта на Болницата. Сепак, и покрај многубројните шпекулации, директорот не извести дека паркингот во Болницата и понатаму ќе остане бесплатен.

Реконструкција на главните влезни скали во Болницата

Скалите кои претходно беа целосно руинирани конечно исто така беа реконструирани и целосно осветлени.

Комплетно ново санитетско возило

На Болницата во Кавадарци и недостигаше и болничко комбе. Претходните возила беа стари и дотраени и беа вистински ризик за пациентите. Компанијата ИГМ Трејд, покрај оградата, есента донираше и комплетно ново и целосно опремено санитетско возило (болничко комбе).

Реновирање на главните болнички тоалети

Овие тоалети претходно беа познати како грдото лице на болницата, кои откако беа изградени пред 30 години, никогаш не биле реновирани претходно. Тоалетите денес се комплетно реновирани и хигиената во нив е на високо ниво.

Но, според зборовите на новиот директор д-р Диме Коцев, работата не застанува овде. Болницата во Кавадарци ја очекуваат уште многу нови позитивни промени од кои бенефит ќе имаат граѓаните на Кавадарци, но и на целата Тиквешија.

Така во соработка со Министерството за Здравство и со Владата на Република Македонија, се планира во Болницата наскоро да се донесе апарат за најсовремена Компјутеризирана Томографија и други нови апарати или да се заменат застарените.

Моментално се прават и нови настрешници на влезовите, а ексклузивно дознаваме дека летото ќе се реконструира и целата фасада на Болницата со средства од приватен донатор.

Болницата во Кавадарци полека станува еден позитивен пример за домаќинско и квалитетно менаџерско работење, од чиј пример треба да учат и останатите Болници и здравствени установи ширум Македонија.

ЈЗУ Општа Болница Кавадарци полека станува регионален здравствен центар на Тиквешијата и пошироко.