Не е завршено додека не заврши

После сите премрежја кои и се случуваа на Македонија. После сите политички и безбедносни кризирања. После целата таа апатија сo која беше зафатен македонскиот граѓанин, конечно се чуствува одредена доза на оптимизам за нашата иднина.

Исчекорот кој се направи во однос на нашата евро- атланска агенда во оваа една година е огромен. Да не заборавиме каде бевме минатата година. Да не заборавиме дека лани на 27-ми април бевме на раб на граѓанска војна.

Денес  ако ништо друго е извесно во која насока ќе се движи Македонија. Денес е јасно дека во 2019-та година ќе почнемe преговори со ЕУ и ќе стане полноправна членка на НАТО. Пред една година, за ова можевме само да сонуваме.

Сега на нас е да не ја испуштеме оваа шанса. Фактот дека е потребнo уште еднаш две третини при гласањето на амандманите, значи дека спроведување на обврските од договорот сеуште не се комплетирани. Три од четирите барања на осумте пратеници кои гласаа за отварањето на Уставот не се неразумни и контрадикторни со самиот договор. Истите се однесуваат на: барање на цврсти гаранции за нашиот идентитет, фазна промена на името во домашна употреба и гаранција за безусловно поништување на сите амандмани доколку договорот не биде ратификуван во Грција.

Задача на Владата и парламентарното мнозинство овде е единствено да вклучи што е можно повеќе пратеници во процесот на кроење на амандманите, со цел да се обезбеди инклузивност во процесот и поголема подршка при гласањето на истите. Различните ставови во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, се надеж дека во овој процес,  без разлика на нивниот партиски став, сепак ќе одлучат да се вклучат и други пратеници кои претходно не гласаа за отварањето на Уставот.

Доколку двотретинското мнозинството не се задржи или евентуално прошири при гласањето на амандманите, Договорот од Преспа ќе биде дефинитивно мртов.

Меѓутоа да почекаме уште два- три месеци да видиме како ќе заврши процесот. Јас сум сепак оптимист дека на крајот ќе се заврши добро за Македонија.

 

Чистка во ВМРО-ДПМНЕ

Гледам новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ решило да прави генералка во партијата. Меѓутоа симптоматичен е фактот што почнале селективно да го чистат ѓубрето од нивните редови. Па чистејќи заборавиле на една голема лепеза на луѓе од претходното раководство, кои се секојдневно на судење во Кривичниот суд.

Николовски ни вели дека расчитиле со хипотеките. Ни кажува дека раскрстиле со криминалот од минатото и вака исчистени одат напред кон нови победи. Притоа забораваат дека почесниот и цела дузина луѓе се сеуште дел, а веројатно и раководство од сенка на таа партија.

Ако сака Мицкоски да прави вистинска генералка, т.е вистинско ребрендирање на партијата, тогаш треба да ги направи следниве работи.

Да ги исклучи барем половина од гостите на прославата во вторникот, да се извини и дистанцира од сите постапки на преходното раководство, а не да бара амнестија на мала врата преку промена на членови од Кривичниот закон и да ја промени драматично реториката.

Само така ВМРО-ДПМНЕ може да каже дека продолжува без хипотеки понатаму.

Не може никој да ме убеди дека Мицкоски самиот има доволна политичка сила, да го исклучи човекот кој беше алфа и омега во ВМРО-ДПМНЕ. Некој очигледно стои зад оваа одлука на Христијан Мицкоски. Во спротивно сегашното раководство на клоци ќе беше исфрлено од белата палата. Панорама ќе беше детска играчка во споредба на она што ќе им се случеше, ако на своја рака и без ничија подршка го избркаа Сашо Мијалков.

Има само еден лик, кој иако е почесен, ја има во најголем дел контролата во таа партија. Конфликтот не барајте надвор, туку внатре во ВМРО-ДПМНЕ. Да бидам попрецизен, конфликтот барајте го помеѓу братучедите. Одговор за причините за овој конфликт можеби ќе добиеме некогаш во некои мемоари, а можеби за истите нема никогаш ни да дознаеме.

Реформаторите во оваа генералка го изедоа најдебелиот крај. Од една страна Мицковски ја искористи оваа шанса да ги набрка реформаторите, кои никогаш до сега не му биле нему лојални, а од друга страна да ја зајакне про-источната, односно про-руската компонента на ВМРО-ДПМЕ.

Со овие потези во изминативе неколку месеци ВМРО-ДПМНЕ дополнително го намалува својот коалиционен капацитет дома, а ја засилува меѓународната изолација надвор.

Со овие потези Мицкоски си купува билет во еден правец.

Купува билет за долга опозиција.

 

 

Автор: Вуко Мелов

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не значи дека го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.