Младинска кампања: Говор на почитување наспроти говор на омраза

На ден 14.02.2018 во просториите на ОУ “Гоце Делчев” во Кавадарци се реализира работилница на тема “Говор на почитување наспроти говор на омраза”. Работилницата беше реализирана од Снежана Андреева, магистер по клиничка психологија и сертифициран гешталт психотерапевт, а нејзини помошници во истата беа психолог Ирена Николовска и психолог Атанас Иваноски.

Оваа работилница е дел од тековната младинска кампања “Говор на почитување наспроти говор на омраза”. Оваа кампања започна со четиридневна обука на 18.09.2017 година и траеше до 21.09. 2017 година во одморалиштето на Црвен Крст на Република Македонија – “Солферино”. Во истата учествуваа претставници од единаесет града во Република Македонија и тоа: Скопје, Кумново, Кочани, Штип, Струмица, Кавадарци, Прилеп, Битола, Струга, Кичево, Гостивар и Тетово. Исто така, како во Кавадарци така и во останатите горенаведени градови се организираат работилници со овој карактер. Кампањата е поддржана од Цивика мобилитас, во реализација на  ГЕШТАЛТ ЦЕНТАР “Младен Костиќ” АСПЕКТИ – СКОПЈЕ. Исто така, на денот на спроведувањето, работилницата беше потпомогната и од Општинската организација на Црвен Крст на Република Македонија и нејзините волонтери.

Општата цел е да се развие медиумска кампања за развивање на свесноста кај младите и граѓаните дека говорот на омраза ги дискриминира, ги зголемува тензиите во општеството и создава општествена криза, како и влошени интерперсонални односи. Конкретните цели се да се промовираат позитивните вредности кои произлегуваат од самиот поединец и од општеството како создавач и негувател на истите, превентивно делување така што ќе се спречат евентуални идни проблеми со различен карактер, да се развива свесноста кај младите дека тие се идните носители на општествените промени како и поттик да размислат што е она што би можеле да го променат на подобро кај себе си.

Активности кои беа направени за реализација на целите:

  1. Развиена кампања преку билборди, анимации, печатени материјали и кампања на социјални мрежи. (Награден конкурс за најдобар видео клип)
  2. Размена на искуства преку дебати по градовите кои ќе вклучат и локални медиуми кои ќе поттикнуваат позитивен пристап.
  3. Создадена мрежа на младински и други организации како соработници кои ќе регрутираат млади лица за позитивно влијание врз граѓаните посебно младите на терен.
  4. Активен пристап преку реакции, форуми, веб страна на: stopomraza.mk, фб групи и инстаграм на @stopomraza.
  5. Активно учество на младите на терен, преку пишување и делење на пораки стикери на почитување, преку учество во креирањето на ѕидот на почитување.
  6. Изградена младинска стратегија која ќе произлезе од обучените младинци за поттикнување говор и однесување на почитување на различностите.
  7. Прирачник за младинска стратегија: „Говори со почит“.

„Говор на омраза“ треба да се разбере како термин кој ги опфаќа сите форми на изразување со кои се шири, поттикнува, промовира или оправдува расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза заснована на нетолеранција, вклучувајќи и: нетолеранција изразена во форма на агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинства, мигранти и лица со имигрантско потекло[1][2].

Покрај директниот говор, говорот на омраза вклучува и многу други форми на изразување, како на пример: јавно користење на навредувачки симболи (на пример свастика); нивно експлицитно прикажување на паради, протести, јавни обраќања и слично; палење на крстови, палење на знамиња; испишување на графити;  лепење на плакати; делење и дисеминација на летоци со таква содржина; изразување преку ТВ и радио и од поново време, изразување на Интернет. Како елементи на говорот на омраза се земаат: намера за ширење на омраза кон определена група; содржина/контекст на конкретното изразување и последици/забранети резултати од говорот на омраза.

На трибината одржана во Кавадарци учествуваа млади лица од неколку основни училиште од Кавадарци и тоа: ОУ “Страшо Пинџур”, ОУ “Димката Ангелов – Габерот”, ОУ “Тоде Хаџи-Тефов”, ОУ “Гоце Делчев” и ОУ “Димката Ангелов – Габерот” во с. Ваташа, и од средното училиште Гиманзија “Добри Даскалов” во  интерактивна работилница дискутираа и изразуваа почит меѓусебе, со цел искуствено да ги доживеат пораките и силата на почитувањето.

Автор на текстот: Атанас Иваноски

[1] Имплицитно дефинирање на говорот на омраза е содржано во Препораката бр. R (97) 20 на Комитетот на Министри на Советот на Европа за „говор на омраза“ од 1997 година.

[2] http://bezomrazno.mk/wp-content/uploads/2013/10/mk-brosura.pdf