Kамелеон

Ви текнува на оние животинчиња кои можат да ја менуваат бојата на својата кожа, прилагодувајќи ја на онаа на околината за да преживеат? Да мислам на камелеоните. Гуштер од класата Игуани. Дури 180 видови ги има на број. Во толкав број ги има и на македонската политичка сцена. Таа е речиси преплавена со овој тип на гуштери, кој можат без тронка срам да шетаат од лево на десно, да менуваат од црвено во сино и обратно, возејќи се притоа на приказната дека сето тоа го прават во интерес на граѓаните. Меѓутоа една истата приказна не можете долго време да ја продавате на политичкиот пазар, бидејќи нема кој да ја купи. Едноставно граѓаните почнуваат да го препознаваат вашиот лукративен интерес во оваа менување страни и бои, и на крај ве расчеречуваат на јавна сцена.

Нешто слично му се случи и на Панчо Минов во петокот на трибината со лозарите. Тој е истиот Панчо Минов кој на локал патриотската приказна долго време се возеше од една во друга партија, од една во друга коалиција, притоа велеќи дека “кавдарчани” му се нему единствената партија. И сега тие исти “кавдарчани” му дојдоја на глава. Па и како нема да му дојдат. Тој лично има организирано еден куп трибини за лозарството, а нема мрднато со прст за истото. Проблемите остануваат исти. Маката на лозарот останува невалоризирана, а мандатите на Панчо Минов се нижат еден по друг. Де пратеник, де градоначалник. И така во круг. Во една таква ситуација сосема нормално е оние кои те гласале наместо да дебатираат за проблемите во лозарството по којзнае кој пат, да те растурат како сарма на јавна сцена.

Патем ако живеачката од лозарството е толку подобрена и тоа по негова заслуга, или заслуга на неговата партија, тогаш зошто Панчо Минов фаќаше врски кај својот сегашен лидер Стевче, за да го вработи својот син во општина Карпош? Напрај си го лозар, па нека види и детето аир во животот.

Ќе му се одолжува ли ВМРО-ДПМНЕ на Панчо?

Како се ближат локалните избори, веќе на големо се зборува за можноста Панчо Минов да биде кандидатот за градоначалник на ВМРО- ДПМНЕ во Кавадарци. Ако се земе во предвид дека и сегашниот градоначалник и претседателката на советот кои се спомнуваа како најсериозни кандидати на ВМРО- ДПМНЕ за Кавадарци, имаат рејтинг помал од статистичка грешка, тогаш сосема очекувано е Никола Груевски да атакува овде со кандидат од неговиот коалициониот партнер ГРОМ. Во 2013 година Панчо Минов самиот учествуваше во проектот на Никола Груевски за создавање на вештачка опозиција, која требаше да истрчи на изборите како замена на СДСМ (поради можниот бојокот на тие избори од страна на СДСМ). Исто така тој ист Панчо Минов всушност му ја обезбеди победата во вториот круг на Александар Панов. Имено неговата подршка за тогашниот опозициски кандидат беше само декларативна. На терен работата беше сосема поинаква. Петем  неговите советници го подржаа и му ја донесоа победата на Александар Панов во вториот круг.

И ВМРО- ДПМНЕ и Александар Панов му должат на Панчо Минов за оваа улога. Да не заборавиме дека слична улога имаше и на изборите во 2014 година, кога повторно требаше да ги ситни опозиционите гласови. Дали сега ВМРО- ДПМНЕ ќе му се одолжува на Панчо Минов и по втор пат ќе го подржува во кандидатурата за градоначалник? Како Панчо Минов ќе помине кај нивното членство? Се сеќавате ли дека истот тој Панчо Минов им се закануваше со одмазда до трето колено?

Во зависност од овие дилеми и политичката математика на Никола Груевски ќе зависи дали Панчо Минов ќе влезе во битката за нов градоначалнички мандат. Деветстоте гласа разлика од последните парламентарни избори, со сите поткупи што ги направија овде, ги прави речиси сигурни губитници на локалните избори во Кавадарци. Тие немаат луксуз да извадат било кој за кандидат. Затоа Никола Груевски ќе го бара најсилниот. Ако воопшто има таков.

 

Автор: Вуко Мелов

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не значи дека го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk