Градоначалникот на Кавадарци најавува нови капитални проекти, иако старите никаде ги нема

Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, најави скоро отварање на бизнис центар во Кавадарци. Тоа е проект кој е за поздравување. Но, градоначалникот не одговори зошто секогаш само пред избори најавува проекти и не одговори каде се досегашните ветени капитални проекти, како затворениот пазар и деловно-трговски центар, подземниот коридор, Аква паркот, кејот до Ваташа и уште многу неисполнети ветувања.

Без дилеми, бизнис центар е нешто што му е потребно на Кавадарци. Но, зошто цели 8 години градоначалникот Панов чекаше за ова? Или можеби ги чекаше изборите. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се секогаш најактивни пред избори.

Кавадарчани се сеќаваат како во очи на претходните локални избори во 2013-та, Панов и останатите од раководството на ДПМНЕ во Кавадарци, фрлаа лопати на сите страни. Темели на се и сешто. Ова потценување на гласачите досега можеби функционираше. Но, не повеќе!

Ајде прво да се потсетиме на големите ветувања на Александар Панов во 2013-та кога по втор пат се кандидираше за градоначалник.

Во програмата на Панов се ветуваа Аква Парк, Деловно-Трговски Центар на местото на сегашниот пазар, подземен коридор на улица Илинденска, изградба на кејот на реката Луда Мара до Брушански Мост, итн.

Интересно е како многу брзо овие ветувања се забораваат. Зарем сето тоа беа само празни зборови колку да се добие мандат од 4 години. После 4 години повторно ќе се ветува нешто ново и се така.

Пред неколку дена еден од поповите во Кавадарци го благослови Панов и го замоли Севишниот да му даде уште еден мандат од 4 години, трети по ред.

Извинете, но доста му беа 8 години! Ајде да ги оставиме настрана капиталните проекти и ветувања. Во Кавадарци инфраструктурата изгледа како во некое пост-воено време. Улиците изгледаат како на нив да се водела некоја тенковска битка. Осветлувањето е на незадоволително ниво. Што правиме со загадувањето? Кавадарци е меѓу првите градови во Македонија по загадувањето на воздухот. И уште ред други работи за кои треба да се дискутира…

Кавадарци може да биде и Кавадарци заслужува да биде многу подобро место за живеење. Но, тоа нема да се случи се додека ВМРО-ДПМНЕ и Александар Панов се на власт во Кавадарци!