(ФОТО) ЕЛЕМ го испразни Тиквешкото езеро. Државата е во тешка енергетска криза

Тиквешкото Езеро празно како никогаш досега. Енергетската криза во државата и скапиот увоз на струја го натераа ЕЛЕМ да ги исцеди целосно вештачките езера. Од СДСМ велат дека некој ќе одговара за ова недомаќинско работење.

„Укажуваме на криминалните власти веднаш да прекинат да ги празнат и уништуваат езерата во Македонија бидејки ќе има одговорност!

Раководството на ЕЛЕМ поврзано со криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ освен природното Охридско езеро, се празни и Тиквешкото езеро преку хидроелектраната Тиквеш.

Во прилог на ова соопштение може да се види во каква состојба е Тиквешкото езеро.

Несовесните власти на АД ЕЛЕМ посегнаа по максимално искористување на езерските води, во паниката дека скапиот увоз на струја зазема огромни размери во милиони евра за што ќе следува отчет.

Според нашите информации од неделата не работи термоелектраната Осломеј, што власта едвај ја подигна да произведува струја.

СДСМ постојано предупредуваше дека тендер политиките на криминалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, којашто ја користеше ЕЛЕМ за рајски градини и лично богатење на поединци наместо за вложување во енергетските капацитети, ќе донесат штетни последици по граѓаните и државата.

Граѓаните во најстудената зима се оставени да зависат од скап увоз на струја, којшто достигна над 6 милиони евра, а домашна струја нема, бидејки единствениот комбинат што работи е РЕК Битола, и тоа со постојани падови на системот по криминалните реконструкции.

Поради сето ова, да се спасат езерата во Македонија и граѓаните од плафонски сметки за струја што им ги наметнува власта во заминување, итно е потребна нова одговорна Влада којашто ќе работи во интерес на граѓаните и ќе ги обнови сите домашни енергетски капацитети“, соопштуваат од СДСМ.