ЕКСКЛУЗИВНО: Владата обезбеди 1.300.000 евра за реконструкција на главните улици и булевари во Кавадарци

Денес министерот за финансии Драган Тевдовски потпиша договори со градоначалниците на Кавадарци, Кисела Вода, Илинден, Центар Жупа, Желино и Студеничани.

Станува збор за 290,7 милиони денари средства за инфраструктурни проекти преку Проектот за подобрување на општински услуги, кој го спроведува Министерството за финансии во соработка со Светска банка.

Само за општина Кавадарци ќе бидат наменети околу 80 милиони денари или 1,3 милиони евра за реконструкција на осум улици и на еден булевар во централното градско подрачје.

Дознаваме дека една од улиците која ќе биде реконструирана со овие средства од Владата ќе биде Северниот Булевар, кој е обиколница на Кавадарци и главна сообраќајна артерија, кој денеска е во катастрофална состојба.

Веќе пишувавме во неколку статии за очајната состојба во која се наоѓа Северниот Булевар, а за кој претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Александар Панов не успеаја да го реконструираат иако цело време тоа го ветуваа.

Од друга страна, иако градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев е од ВМРО-ДПМНЕ, сепак Владата предводена од СДСМ издвои средства за реконструкција на патиштата во Кавадарци.

Покрај Северниот Булевар, ќе се реконструираат и улиците:  “Мито Хаџи-Василев Јасмин”, “7ми Септември”, “Никола Минчев”, “Булевар Моша Пијаде”, “Цветан Димов”, “Пано Мударов”, “Цано Поп-Ристов”, “Страшо Пинџур” и “Северен Булевар”.

Неофицијално дознаваме дека про-европскиот став на Митко Јанчев и блискоста со премиерот Зоран Заев се една од главните причини за оваа подршка од Владата за Кавадарци.

Исто така, дознаваме и дека свое влијание во лобирањето кон Владата имале и челните луѓе на СДСМ Кавадарци, претседателот Горан Тодоров и генералниот директор на ЈП Македонски Шуми, Зоран Ѓорѓиев.