Дебакл на Панчо Минов на трибина со лозарите во Кавадарци

Вечерва на трибина во Домот на културата во Кавадарци, пратеникот од ГРОМ Панчо Минов доживеа дебакл од лозарите кои го обвинија дека ги манипулира за евтини политички поени.

panco minov

Денеска во Домот на културата во Кавадарци, трибина со граѓаните на Кавадарци, имаше пратеникот од ГРОМ Панчо Минов, на теми поврзани со лозарството, исплатата на ланското грозје, како и законот за извршители. Но, од страна на присутните граѓани и лозари, не беше најпријатно пречекан.

„Како не ви е срам да не манипулирате и лажите дека демек се грижите за нас лозарите. Како што се сеќавам лани на власт беше вашата коалиција на чело со ВМРО-ДПМНЕ. Ако толку се грижевте за лозарите, немаше лани да не оставите на цедило.“  – беше еден од коментарите на лозарите на трибината.

Лозарите го прашаа господинот Минов каде бил тој минатата година која беше најтешката година за лозарите.

На прашање зошто се блокирани сметките на визбите Петра и Повардарие, Минов одговори дека тоа е поради банките.

Лозарите му вратија дека за тоа е виновна винската мафија и пред се бившиот премиер Груевски кој 11 години бил најголем кочничар со цел да ги држи во неизвесност лозарите за глас пред избори.

„Господине Минов, во кое својство сте дојдени вие денес овде? Како власт или опозиција? Бидејќи министерот за земјоделие Љупчо Николовски веќе најави дека Владата издејствувала исплата на целото грозје од реколтата 2015-та и 2016-та, како и субвенциите за земјоделците, а вие се обидувате тоа да го претставите како ваша заслуга. Зошто лани кога бевте на власт не се изборивте за ова? Немојте да ни кажувате сега тука прикаски.“ – реплицираше друг лозар.

Понатаму во врска со законот за извршители, граѓанин го праша господинот Минов зошто претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, со која тој е коалиционен партнер, го донела воопшто тој закон.

За крај еден од присутните го обвини Минов за манипулирање со лозарите со цел собирање политички поени во пресрет на претстојните локални избори, каде од неофицијални извори од опозициската ДПМНЕ, дознаваме дека тој е еден од можните кандидати за градоначалник на Кавадарци на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Како не се срамите тука на лозарите да им кажувате за грозјето, кога седите на иста клупа со криминалци. Како да ви веруваме вас кога седите рамо до рамо со пратеници од ДПМНЕ кои се под обвиненија од СЈО, и како да ви веруваат лозарите кога пред некоја година како советник во општина Кавадарци на советниците од ДПМНЕ им се заканивте со ревашизам до трето колено.“ – изјави друг граѓанин.

Минов се обиде да ги избегне овие прашања и обвини за политички напад врз него. Инаку на трибината имаше присутни 50-тина граѓани на Кавадарци.