(КОЛУМНА) Бегство во минатото

Човекот има една интересна особина, секогаш кога е соочен со предизвици и кризи, решението да го бара во минатото, во минати системи и во застарени и неуспешни концепти.

Следам и размислувам, и се обидувам да си го објаснам напливот на национализам во Европа, во светот па и во Македонија.

Концептот на нација-држава, начнат уште со Вестфалскиот мир од 1648, и заокружен со Француската Револуција од 1789, беше одговор и решение на анахрониот феудализам и беше идеална форма за развој на индустријализацијата и капитализмот.

Идентитетите кои ги создаде тој концепт, долго време беа, и се уште се најцврста форма на идентификација на милиони луѓе ширум планетава.

Сепак, тој концепт е одговорен за 60-те милиони загинати луѓе во Втората Светска Војна, за милионите загинати, повредени, измачувани итн. од војните пред тоа и после тоа. Дури е тешко да одредите дали повеќе луѓе ги имаат изгубено своите животи како резултат од војните на национализмот или од религиозните војни во средниот век.

Нацијата-држава, и национализмот како верба во тој наратив и концепт, исто така, не успеаа да дадат решение ниту за големите проблеми кои почнаа да се јавуваат во 20тиот век со напливот на глобализацијата.

Токму затоа, со Римскиот договор од 1957 година, полека се создаваше наднационален ентитет, кој требаше да ја заобиколи и во еден момент и замени традиционалната нација-држава. Тоа беше ЕЗЈЧ, па ЕЕЗ, па денес позната како ЕУ.

Европската Унија беше одговор и решение на милитаризмот на нациите-држави, чиј концепт насочен кон омраза кон другиот и различниот, постојано креираше војни и конфликти во 19 и 20 век.

Но, да се вратиме денес на прашањето зошто национализмот е пак во подем, зошто илјадници и милиони луѓе ширум Европа сеуште пеат за чисти нации, мразат се што е различно, и ја величаат својата нација како најдобра, најпаметна, најсовршена, но и во исто време најнесреќна, најугнетена, најонеправдана? И истиот наратив секаде. Секако и Балканот и Македонија не се исклучок.

Просто е неверојатно како националисти и популисти со изветвена реторика и наратив од 19ти век успеваат да заведат толку гласачи и да освојат толку многу гласови.

Националистите ја ставаат под знак прашање не само Европската Унија, туку и самиот концепт на либералната демократија, кој е сржта и суштината на политичките системи и вредности на западниот свет.

Факт е дека Европа и светот се пред огромни предизвици и проблеми, кои познатиот современ филозоф Славој Жижек, во неговата книга „Living in the end times“, ги нарекува 4-цата јавачи на апокалипсата и ги издвојува како:

  1. Светската еколошка криза;
  2. Биогенетската револуција и подемот на вештачката интелегенција;
  3. Енормните социјални разлики и крајно нерамномерната распределба на богатството;
  4. Дисбалансот во економскиот систем и кризите на капитализмот.

Соочени со сите овие предизвици и проблеми, многу луѓе ја одбираат полесната и поедноставна опција која ја нудат националистите.

Наместо да ја избереме потешката опција, т.е. да признаеме дека можеби сеуште немаме одговор на овие проблеми и сеуште немаме создадено економско-политички концепт кој ќе даде барем некаква структура на решенијата за овие проблеми, ние ја одбираме полесната опција и решаваме да се вратиме во минатото.

Го избираме национализмот и решаваме да избегаме во минатото.

Јас национализмот не го гледам како ништо друго, туку како страв, како бегање од реалноста, бегање од проблемите, бегање од соочување со контекстот на светот во 21-от век.

Свет каде паметни алгоритми решаваат комплексни проблеми, каде роботи прават операции и пишуваат поезија, каде во лабораторија се менува човечката ДНК, каде океаните се преполни со пластика, а климатските екстреми се се поизразени, но и свет каде 90% од богатството во светот е сконцентрирано во само 1% најбогати, и во свет каде милијарди луѓе живеат под прагот на сиромаштија и без елементарни услови за живот.

Со тоа што ќе изградиме ѕидови, со тоа што ќе ги мразиме другите, со тоа што ќе ја уништиме Европската Унија, нема да решиме ниту еден од овие големи проблеми и предизвици со кои е соочено човештвото.

Обединета и отворена Европа, можеби не е финален одговор, но е сигурно поблиску до одговорот на сите овие предизвици. Бидејќи глобални проблеми не може да решавате со затворени нации-држави.

Национализмот и популизмот, не нудат одговори, тие нудат само бегство.

Прашањето за сите нас е: Сакаме да бараме одговори и решенија или да бегаме во минатото?

За минатото, во кое сакаат да ве однесат националистите, ќе ви кажам само едно, тоа е темно и мрачно. Таму ќе ги најдете логорите на смртта и гасните комори, таму се и Сома и бункерите и хемиските војни, таму е и Солферино, таму се Аушвиц и Треблинка…

Но, иднината можеби нуди нешто поубаво, нешто посветло. Сеуште не знаеме. Но барем вреди да се обидеме, да најдеме одговори и решенија кои засега ги немаме.

Изборот е помеѓу сигурноста и извесноста на мрачниот национализам или неизвесноста на иднината.

Зрак на надеж ми даваат резултатите од европските избори, каде иако и националистите освоија доста гласови, сепак најголеми победници беа партиите на зелените (екологистите) и партиите на либералите, кои отворено се залагаат за обединета и отворена Европа.

Можеби сепак ги научивме лекциите од минатото и созреавме да ја прифаќаме неизвесноста на иднината и одговорноста кон идните генерации, отколку да избегаме во минатото и во бајките на националистите, чии зборови колку и да се гласни не вредат ништо и се само ветар во магла.

Автор: Благој Ѓелевски