Alea iacta est

После сите изгубени денови во обид за конституирање на Собранието и мирно примопредавање на власта и максимално исцпување на секоја трошка трпеливост кај целата демократска јавност, конечно новото парламентарно мнозинство тргна да ја заврши работата за која доби мандат од граѓаните. Крвавата претстава која се одвиваше пред очите на целата домашна и меѓународна јавност, не треба ни за момент да ги поколеба актерите овде да застанат. Рубикон е одамна поминат за некој сега да се предомислува. Новото парламентарно мнозинство треба да тргне уште похрабро со следни чекори во однос на воспоставување на ефективна власт.

 

Нужно зло

Мирниот трансфер на власта, принцип на којшто почиваат голем број демократски земји, за жал во наша ситуација беше невозможно да биде испочитуван. Состојбата е таква пришто или ќе имаше конфликт, или блокадата сеуште ќе беше активна . Меѓутоа кога велам конфликт, не мислам на таков конфликт како оној од четвртокот. Очекував евентуален конфликт внатре во салата помеѓу пратеници, или пред Собранието помеѓу полицијата и демонстрантите. Линчување на пратеници никогаш не ми паѓало ни на крај памет.

Меѓутоа очајните луѓе влечат очајни потези, а ова е еден од нивните последни. И можеби ова ВМРО- ДПМНЕ во четвртокот ја направи својата најголема грешка досега. Ако во изминативе неколку месеци ја превземаа политичката иницијатива и билдаа партиски рејтинг под мантрата на патриотизмот, целиот тој нивен напор успеаа како со гумичка да го избришат за само неколку часа. Дури ни совршената медиумска машинерија неможеше да ја тргне црвената крв од нивните раце, па колку и да се обидуваа тоа да го направат. Темата со т.н “Тиранската платформа” која успешно ја наметнаа и одржуваа во јавниот дискурс веќе ја нема. Можеби дупнатите глави на пратениците на мал дел на нивното членство им изгледа симпатично, меѓутоа останатиот дел од јавноста е згрозен од тој чин. После ова масовноста на протестите која и досега беше мала, дополнително ќе спласнува. Таму сепак има и нормални луѓе, настрана од маскираните криминалци, на кои нормално поважна им е сопствената иднина.

Меѓународниот фактор одамна крена раце од оваа власт. Затоа не чекаше многу пред да го поздрави изборот на новиот спикер на македонското Собрание, како и да ја осуди крвавата претстава. За изненадување тоа го направи дури и султан Ердоган.

ВМРО- ДПМНЕ полека полека станува изолирана партија, како дома така и надвор. Па чуму им нови избори. Дури и да победат со поголема разлика, нема со кого да коалицираат. Дури и сами да освојат мнозинство, нема со кого од надвор да соработуваат. Освен со “баќушка” се разбира.

 

Што не чека понатаму?

Со половина раководство под обвиненија, ВМРО ДПМНЕ и понатаму ќе продолжи со сите сили да го попречува мирниот трансфер на власта. И самиот Трајко Вељановски најави дека нема намера да се тргне од претстедателското место, додека не се исцрпи бесмислената дискусија. Сосема логично во една таква ситуација да очекуваме формирање на паралелни институции, што би значело целосен распад на нашиот политички сиситем.

Луѓето треба да одат во затвор, а не им се иде. Тоа е клучниот проблем на целата оваа политичка заврзлама. Според ова политичката криза во Република Македонија многу лесно би се решила. Еден договор за амнестија на врхушката на ВМРО- ДПМНЕ ќе ги тргне за миг сите правни и политички препреки за доделување на мандатот. Државата веројатно нема да биде нападната, а за “Тиранската платформа” веќе никој нема да збори или пак можеби пратениците на ВМРО- ДПМНЕ ќе станат и главни промотори на истата. Нема да збори ниту за создавање на бинационална држава, ниту за федерализација, ниту кантонизација и слично. Али најверојатно ништо од тоа.

Велат дека брзите решенија најчесто се лоши решенија. Чекавме ние и повеќе од десет години за режимот да го доведеме во оваа за нив безизлезна ситуација, за сега така лесно да ги амнестираме.

Во наредниот период процесите веројатно ќе одат доста бавно, но во посакуваната насока. Посетата на Хојт Ји и омекнатиот Иванов е исчекор напред. Иванов од позиција на “не ни се мешајте”, за кратко дојде во ситуација да бара помош од Американците во решавањето на кризата. Можеме да претпоставиме само какви пораки донел американскиот дипломат. Заправо секогаш кога процесите ќе заглавеа, тука се Американците да ја одглавуваат работата. Сетете се само како беше потпишан првиот пржински договор. Тој дојде веднаш по посетата на Викторија Нуланд.

Сега интересно е да се набљудува состојбата во црвениот брод. Кој прв ќе бара чамец за спасување? Кој се ќе лобира или веќе лобира кај меѓународната заедница за нов лидер на партијата? Тука имаме неколкумина сериозни кандидати за тоа место, кој навидум сеуште го подржуваат нивниот сегашен претседател, а всушност чекаат само вистински момент да му свртат грб. И таа реформа во ВМРО- ДПМНЕ е нормална после една ваква катастрофа. Тие и реформирани тешко во иднина ќе ја перат целата нечистотија насобрана во ова нивно владеење, меѓутоа без нејзе ризикуваат да се маргинализираат и тој десен простор да го остават на некоја друга политичка партија.

 

Автор: Вуко Мелов

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не значи дека го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.