10 типични карактеристики на претприемачите

Да се биде претприемач не е ниту лесно, ниту едноставно. Претприемаштвото бара посебен вид на навики и особини, кои покрај страста, дисциплината и посветеноста, се типични карактеристики на претприемачите.

10 типични карактеристики на претприемачите

Секако, секој претприемач е посебна индивидуа со свои уникатни персонални особености. Но сепак, помеѓу сите успешни претприемачи се издвојуваат овие 10 однесувања и карактеристики, кои се типични само за нив.

1. Тие го планираат својот ден однапред

Во бизнис светот, многу е лесно да дозволиш приоритетите на другите луѓе да ти го уништат денот. Пораки, телефонски повици, е-маилови, посети, нема крај. Претприемачите кога го планираат нивниот ден, приоритет им даваат на битните работи, и иако наоѓаат време и за споредните, не дозволуваат споредните работи да дојдат на прво место.

2. Се хранат правилно и редовно вежбаат

Тие знаат дека колку што е важен умот за успехот, исто толку важно е и телото и физичкото здравје. Самодовербата и енергијата која доаѓа со вежбањето е суштински потребна за работа како што е претприемаштвото.

3. Го вреднуваат мислењето на клиентот

Оние претприемачи кои секогаш во центарот го ставаат само нивниот успех и потреби, не успеваат на долги стази. Претприемачите се секогаш услужно ориентирани.

4. Си имаат поставено јасни цели

Кога имате јасни цели, полесно ги надминувате тешките периоди во животот. Но, целите не треба да се само на долг рок. Поставете и краткорочни цели кои собрани заедно ќе придонесуваат кон исполнување на долгорочната цел или цели.

5. Превземаат пресметани ризици

Многумина ги сметаат претприемачите како лудаци кои постојано ризикуваат без размислување. Реалноста е дека сите нивни ризици се длабоко калкулирани и анализирани со сите можни сценарија.

6. Ги знаат своите силни и слаби страни

Ги слушаат другите, кога ги критикуваат. Критиката, ако е позитивна, за нив е добредојдена и посакувана. Таа им помага да се подобрат.

7. Ги најмуваат најдобрите

Многу менаџери во Македонија, се плашат од способни луѓе и или не ги вработуваат, или не им дозволуваат да ја искажат својата креативност. Вистински претприемач, е оној кој гледа од секој да го извлече најдоброто. За нив поважна е целта и успехот, а не личната суета.

8. Учат постојано

Тие постојано инвестираат во својот личен интелектуален развој. Нови вештини, курсеви, технологии, програми, книги, но учат и од другите луѓе.

9. Во секоја прилика бараат можности

Колку и да се успешни и да немаат потреба од тоа, тие секогаш знаат да препознаат добра прилика или способен работник.

10. Ги евалуираат своите дела и приоритети секој ден

Секој ден е нова шанса. Секој ден ја градиме својата иднина. На крајот на денот тие размислуваат за грешките од тој ден и како да ги поправат, но и за успесите и позитивните работи од истиот тој ден.

Не е лесно да се биде претприемач, особено не во Македонија. Многумина кај нас, кои иако имаат свој бизнис, тешко дека може да се наречат вистински претприемачи. Но погрешно е тврдењето дека тоа или го имаш во себе или не. Претприемаштвото се учи. Но треба решителност, посветеност и многу напорна работа.