Чекајќи го Хорхе

Човекот чијашто должност е да го штити Уставот и уставниот поредок, го прави  токму она спротивното, и тоа по втор пат за нецела година. Меѓутоа најтрагично од целата оваа ситуација, е тоа што единствено странците се изненадени од ваквиот потег на “таткото на нацијата”. Ние останатите веќе знаевме дека Иванов ќе бара влакно во јајцето, само да не го даде мандатот на коалицијата која има парламентарно мнозинство, без разлика што притоа предизвикува уставна криза и повторно го крши Уставот. Но што да очекуваме од човек кој минатата пролет помилуваше 56 лица повикувајќи се на непостоечки член од законот? Дека сега конечно ќе се вразуми и ќе се ослободи од таа партиска заробеност во која истера речиси два мандати? И дека конечно да почне да постапува како претседател на сите граѓани, а не како обично партиско војниче?

Авантурата во која тој се втурна земајќи ги притоа ингеренциите на Собранието под свое, може да има страшни последици по македонскиот народ и држава на крајот од овој процес.

Лажен национализам   

Има ли нешто полошо од национализмот? Секако дека има. Тоа е лажниот национализам. Ако во деведесетите години, тогшното раководство на ВМРО- ДПМНЕ цврсто  веруваше во тој национализам, ова денешново гледа на него само како сламка за спас. Како може поинаку да се протолкува ова политичко салто мортале кое го направи Никола Груевски од почетокот на изборната кампања до денес. Не е нормално лидерот на една од најголемите политички партии во Република Македонија, во период од неколку месеци три пати драстично да го менува својот став и реторика во однос на Албанците. Прво блуеше со антиалбанска реторика во предизборието, па им се умилкуваше кога му требаа за мнозинство, за да на крај кога не успеа во обидот да состави влада, повторно и додаде гас на антиалбанската реторика. И тој е патриотот кој прифатил се од платформата, а ние сме предавниците. И во право е. Ние сме предавници! Ние го предадовме неговиот криминал!

Балканот отсекогаш бил плодна почва за национализам. Затоа и толку лесно ни се случуваат како внатрешни така и надворешни конфликти. Никола Груевски по темата на национализмот не измислува топла вода. Тој го копира буквално истиот концепт кој од Слободан Милошевиќ направи “европски” граѓанин. Коинциденција или не, нивните патишта се комплетно исти. Милошевиќ од банкар станува економски реформатор, па националист, па на крај завршува во Хаг. Никола Груевски пак од брокер станува економски реформатор, па националист, за да на крај заврши таму кадешто заслужува да заврши. Клучната борба која сега се води не е за никакви платформи, туку е за да Никола Груевски не стигне на крајната дестинација од своето патување.

Примопредавање

“ Нашата демократија се заснова на мирен трансфер на власта. Тоа го почитуваме и негуваме. Сите сме еднакви според правата”  беа зборовите на Хилари Клинтон веднаш после изборниот пораз од нејзниот противкандидат минатата година. Некои ќе ви речат дека ова право кај нас не важи, бидејќи ние одамна не сме демократска земја. Токму поради ова веќе два месеци Македонија тапка во место. Односно поради политичката криза ние веќе две години тапкаме во место. Меѓутоа сите се надевавме дека по изборите конечно ќе почнеме да се движиме напред.

Промената на власта е сосема нормална работа во целиот демократски свет. Никој неможе да очекува дека ќе владее вечно, посебно не во плурална демократија. Меѓутоа во нашата сосотојба влоговите се кренати на доста повисоко ниво, од само тоа кој ќе управува со институциите на системот. Некои велеа дека овие избори се прашање за “живот или смрт” на ВМРО- ДПМНЕ. Меѓутоа јас би рекол дека тие се повеќе прашање на слобода или затвор за челниците на оваа партија. И затоа нема мирно примопредавање на штафетата. И затоа Хорхе постојано наоѓа пречки за да не го даде мандатот на коалицијата која има мнозинство. Во суштина единствената пречка е тој самиот.

Сценариото на “лудаците” е очигледно. Креирање на интеретнички или евентуален меѓуетнички конфликт, односно целосен хаос и безвластие во државата кое тие треба да користат за спасување. Одлуката на Хорхе треба да ја предизвика другата страна да формира  влада заобиколувајќи го неговиот формалниот чин на доделување на мандат. Тоа е варијантата која треба да донесе немири пред Собранието за време на негово конституирање и избор на нова влада, или евентуално да ја блокира таа седница.

Партијата која цело време изминативе две години се повикуваше на вољата на народот, сега истата не ја почитува. Сценариото “да има војна” влегува во последната фаза од неговата реализација. Прашањето е до вас браќа, “Кого вие ќе браните?”

Автор: Вуко Мелов

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не значи дека го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk