(ФОТО) По вода на селски чешми: Како се снаоѓа македонската полиција на северната граница

Да не е смешно би било трагично, во 21 век да немате капка вода за пиење, односно таа што ја има да биде технички неисправна-вака накусо полицајците од граничната полиција во полициската станица Чашка која се наоѓа во близина на скопското село Кучково го опишуваат својот проблем. Велат тој не е единствен, но поради високите температури е алармантен. Надлежните молчат иако досега неколкупати биле известени дека во станицата одамна полицајците немаат вода за пиење, па мораат секој ден да одат седум километри до  селската чешма во Кучково за  да ги наполнат празните туби. Нив  компанијата која порано ја снабдувала станицата со вода за пиење, велат одамна  ги оставила празни најверојатно поради неисплатен долг.

“Срамно е  во 21 век кога говориме за напредок на технологијата, безбедноста, квалитетот на живот полицајци  секој ден како водарки да одат  на селската чешма за да си обезбедат  вода за пиење. Селаните ни велат дека и оваа вода не е испитана дали е технички исправна, но на шега не советуваат дека е подобра од техничката.

Служиме за подсмев, ако се земе во предвид фактот дека патуваме со возило од 1973 -тата година со кое едвај стигнуваме на работа летно, а да не говориме за зимно време.  Па да биде иронијата поголема го користиме и за снабдување со вода. Оваа состојба е ваква  со години и никој не превзема ништо. Граничната полиција која беше замислена како нов модус превземен од меѓународните искуства, особено во северниот дел стана место за преживување”- велат полицајци од станицата Чашка.

Се жалат и на условите за работа. Бидејќи од први април годинава почнал да се применува новиот систем за работа 3/3,  односно  три дена на работа, три дома, мораат сами да снабдат храна за овој период кој го поминуваат во станицата, во која со години не е направена дезинфекција ниту дезинсекција, па глувци и глодари велат шетаат на сите страни. А,  кога ќе дојде време за одмор, објаснуваат полицајците,  имаат избор да спијат на полски  или на војнички кревети кои ги нема доволно, па мораат да чекаат ред,  еден колега да стане од спиење, за да може другиот да легне.

“Условите за работа се катастрофално лоши. Имаме  еден фрижидер во кој треба да ја сместиме  храната десетина полицајци,  која нормално нели сами мора да си ја снабдиме  за тридневниот престој. Јадаме  леб стар и по три дена.Има два туша, од кои еден е постојано расипан, а  кој треба да го користат десет и повеќе полицајци. Си готви кој како знае и умее на еден шпорет на кој работи само една рингла, па редот за некој да стопли топол оброк е поприлично долг,  како и за обично кафе”-раскажуваат полицајците.

Револтирани се и од новиот систем за работа бидејќи се принудени времето кое им е одредено за одмор да мора да го поминат во станица, во услови кои како што  велат потсетуваат на логорски услови од Втората светска војна. Овој начин на работа според нив  е  против уставен.

Им го  ограничува правото на движење, па како што раскажуваат, незнаат дали се во притвор или осуденици во затвор, штом немаат право да го поминат времето кое им е слободно каде сакаат,  а истотото не им е регулирано со дневница.

“Од први април годинава со претходна одлука на Директорот на БЈБ, а потоа и Министерот оваа полициска станица работи систем на работа три дена на работа, три дена одмор. Од  тие  три дена ни  се евидентираат половина од  изработените часови и  за нив добиваме  само половина дневница. Останатите саати ни  се сметаат како одмор кои се принудени да го поминуваат во станица, иако тоа време не им се плаќа ниту евидентира. Приморани сме  дури и кога сме слободни односно одмараме  како што наведуваат претпоставените  да не го оставаме  оружјето бидејќи може  да бидеме во опасност во секој момент. Па еве прашуваме, ако недај боже има напад на станицата, треба да одговориме: “извинете не, сега одмараме!”?! Страшна иронија и хипокризија, ем ве тепаат, ем не ви даваат да плачете!”-револтирано велат полицајците на северната граница.

Слична судбина делат и нивни колеги од уште седум станици  на граничната линија  со Косово. За ваквата состојба и проблемите со кои се соочуваат  реагирале  до Народниот правобранител, до Министерството за труд и социјала,  Синдикатот на МПС и Внатрешната контрола на МВР. МНогумина од нив правдата ја бараат на суд.  Но реакција нема.

Единствено велат дека во пресрет им излегол Независниот синдикат на полицијата кој  заедно со полицајците изготвил предлог за решавање на проблемот за враќање на стариот систем за работа и истиот го доставил  до сите релеватни фактори, како и до најповиканиот за овој проблем, Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков. Засега и оттаму  одговор нема.  Членот од според нив срамниот Колективен  договор на МВР го обжалиле и  до Уставниот суд,  но  и по осум  месеци,  и од таму нема абер.

Полицајците од граничната полиција  велат дека остануваат на своите позиции за одбрана на татковината, бидејќи ја сакаат својата земја,  но не и креаторите на лошите политики во секторот безбедност. Па затоа не ја исклучуваат можноста  борбата  за своите  права, ако треба и за првпат во историјата на Р.Македонија да ја бараат  во  униформа на протест.  За како што додаваат,  да им порачаат на надлежните дека границата се чува и брани на терен, а не во кожните фотељи кои им обезбедуваат комфор и елитизам во кој долго време се заборавиле.

Извор:Фактор