Тотален стриптиз на ВМРО-Помилувана

Свесно туркајќи ја земјата кон граѓанска војна, Груевски ја одигра и „картата Иванов“. Занимливо, Украина ја слушнавме во три последователни изјави во ист ден: во неговото телевизиско обраќање, во сомнабулното бладање на Иванов пред ТВ-камерите и во соопштението на руското Министерство за надворешни работи. Работите, некако, си доаѓаат на своето место.

Сигурен сум дека сте одгледале барем неколку играни или документарни филмови за последните денови на Хитлер во бункерот во Берлин? Се сеќавате на тој очај и организациско-морален распад, на крајот на една луда нацистичка авантура која светот, а особено Германија, ја чинеше вкупно 48.231.700 воени и цивилни жртви и половина век материјална, политичка и морална реставрација која никогаш нема да биде сосема завршена? Се сеќавате како, и кога татнежите околу нив веќе се слушаат и на влезот од бункерот, некои од најверните соработници на фирерот веруваа дека, еве, само што не стигнала веста за „супер-оружјето“ коешто Хитлер само што не го распакувал од подрумот на подземниот бункер, со кое само што не се нанел дефинитивен пораз на сите непријатели на фашизмот?!

ordanovski

Иако не тврдам дека сеќавањата за последните часови на австрискиот каплар од 16-тата баварска резервна регимента се најсоодветната аналогија за нашиве собитија, сепак дозволете ми да ви претставам како изгледа деновиве штабот на ДПМНЕ, под раководство на нашиот Голем Водач од 1-та македонска резервна чета…

ПОБЕДУВАМЕ ВО ВТОРНИК, НАЈДОЦНА!

Значи, моите расположени врмовски извори ми велат дека во главното командно место на партијата – во зградата во Капиштец, не во онаа вулгарна градба во центарот на Скопје до која водат неколку „тајни“ подземни влезови, а која стои речиси празна како напуштен барокнен гулабарник – е прилично прометно и до доцните вечерни часови, бидејќи никој не сака да биде осомничен дека се „пасивизирал“ кога е најтешко или дека заминал на „гурбет“ кај Катица Јанева. Општо е меѓусебното храбрење дека победата е на дофат, ако не до утре, тогаш до вторник, во петок најдоцна, или до следниот понеделник, сигурно, оти сојузниците само што не ги испратиле своите десантни падобрански единици од базата кај Ниш!

Миле Јанакиевски и Гордана Јанкуловска, тазе помилувани („по Устав и по закон“) за досегашните 30-40 тешки кривични дела, седат во една поголема просторија со бројни телефони на располагање – Миле, во тесно содејство со Стевчо, ги координира локалните партиски организации, а Гордана во тесно содејство со своите црни тефтери командува со ВМРО-МВРО. Миле, плус, комуницира со својот извор во СДСМ кој му пренесува дневни детали од работата на опозицијата – исправно, во секоја битка разузнавањето кај непријателите е секогаш важно! Протуѓер повеќе од времето поминува на извесна „локација икс“ надвор од зградата, каде се сместени дребните останки на онаа несреќно отпишана опрема од МВР што Гордана ја пресувала и дробела на два пати, во два различни отпади. Илија Димовски, пак, исто така шета по некои „локации ипсилон“ – всушност, од пред некој ден, тој со своите тимови за анализа и пропаганда на партијата задолжени за македонската информативна преродба се преселил во барокната партиска зграда во центар, колку да го живне малку гулабарникот.

Во партиската зграда има неколку простории каде се влегува само со електронски картички, каде е сместен видео и комуникацискиот координативен систем на ДПМНЕ, со оглед на тоа што располагаат со повеќе камери и микрофони за мониторирање низ Скопје и низ другите градови во внатрешноста на земјата, бидејќи со таква технологија – купена од парите за партиска членарина, се разбира – се подобро опремени од најдобрите холивудски студија за специјални ефекти. Излези-влези се муваат и некои типови што никој не ги познава, а за кои ми велат дека или се неми или уста не отвориле оти, наводно, не зборуваат македонски.

ПИСКОТНИЦИ СЕ СЛУШААТ ДО ВОДНО

Каква е атмосферата околу Грујо? Кога тој ќе се појави, сите главно ги фаќа познатиот (битолски) синдром „пуликур“ – тоа е медицинска состојба на наведната глава со длабока концентрација врз сопствените препони, со блокада на способноста за говор, слух и мирис – бидејќи никој веќе не може да ги предвиди менливите расположенија на „фирерот“. Некни, на пример, на ден-два пред Ѓорге Иванов со својата одлука за аболиција дефинитивно да прејде во легендите, дошол со порака некаков емисар од неговиот кабинет, во кабинетот на Грујо. Кога месинџеров му ја пренел на Грујо пораката од Хорхе – оти, тие не општат важни работи по телефон или преку друг вид на електронска комуникација од страв дека нивните уши не се најголеми во градов – емисаров прво добил неколку удари со телефон по глава, а потоа Грујо, наспроти сите комуникациски предострожности, му се јавил на Хорхе по телефон (наводно, во хистеричен грч, дури во четири последователни наврати – што мислам дека е претерување!) и толку врескал во мобилниот со најдолен речник и закани, што Хорхе го отворил прозорецот од својата вила на Водно затоа што, дури од Капиштец, можел јасно да го чуе продорниот визионерски глас на Големиот Лидер и без да го слуша на телефон! Потоа дошло до интензивни дружења на овие двајца искрени пријатели и драги соработници, со спомнување на можноста за ставање на интернет на меморабилни и многу приватни видео-записи на некои членови од семејството на Иванов, по што следувало длабоко обмисленото, државничко претседателско помилување на Хорхе кое со децении ќе се изучува на катедрите за уставно право на 22-та постоечки правни факултети во Македонија.

Ете, се обидувам малку да ви ја приближам колоритната историска атмосфера во партијата која наскоро и официјално ќе се преименува во „ВМРО-Помилувана“, во победничкиот штаб на Фамилијата, пред да почнат да се слушаат татнежите и пред влезот од бункерот. Преродбата продолжува, заминувањето на преродбениците в затвор е привремено одложено.

ОЧАЈОТ Е ЛОШ СОВЕТНИК

Легендарниот британски филм „Тотален стриптиз“ (“The Full Monty”, 1997) ја раскажува приказната за шесторица невработени работници од една пропадната железара кои, немајќи друг начин да дојдат до пари, решаваат да настапуваат пред женска публика, со музичка точка во која комплетно се соголуваат, како од мајка родени. Тоа е отприлика ова што го прави режимот на Фамилијата: очајни заради развојот на општите настани, со секој изминат ден соблекуваат уште по едно парче облека, на очиглед на целокупната македонска и меѓународна јавност. Ѓорге Иванов, со актот на сопственото институционално самоубиство, тукушто им ги соблече и гаќите. Сега стојат целосно соголени на сцената – од Груевски, преку Гордана и Миле и уште триесетина други наредени во линија, до Мијалков, гледано од лево кон десно – и со рацете си ги покриваат „срамните места“, кој колку има, оти само уште по една чорапа на Уставниот суд им е останата несоблечена на нозете. Публиката аплаудира и бара и Али Ахмети да им се придружи на стриптиз-бината, оти само уште тој недостасува за комплетирање на впечатокот.

Тоа е нашето тажно, мафијашко друштво кое настапува секој ден во ноќниот бар „Една е Македонија!“, во претставата „Државата пред сé!“. Претставите понекогаш се и со директен телевизиски пренос: Груевски, во улогата на последните денови на власт на Виктор Јанукович, предупредува на „Украинско сценарио“ во Македонија (бидејќи овде ги сруши сите мостови зад себе, со Јанукович можеби ќе си бидат и комшии со куќите во околината на Москва); а онаа жална, сирота, збунета, патетична и дезориентирана фигура од Иванов, кој служи како крпа за бришење чевли од кого Фамилијата тукушто си ги истри чизмите со кои газат низ изметот на сопственото владеење, едвај додржува, потечен од средствата за смирување, пред камерите да не крикне: „Па нека е и крај на светот, објавете сé што имате на интернет, јас не можам повеќе да издржам!!!“… Потоа, заплашен и од самата помисла да покаже храброст, повторно тоне во фантастичниот виртуелен свет на својот втор претседателски мандат и сонува како да си се врати во прекрасната анонимност на идиличното Валандово. Неќе моќи.

Ете така. Свесно туркајќи ја земјата кон граѓанска војна, Груевски ја истроши и „картата Иванов“. Занимливо, Украина ја слушнавме во три последователни изјави во ист ден: во неговото телевизиско обраќање, во сомнабулното бладање на Иванов пред ТВ-камерите и во соопштението на руското Министерство за надворешни работи. Работите, некако, си доаѓаат на своето место. Македонија ита на повторна средба со својата судбина.

Сашо Орданоски

(Колумната е објавена во Слободен печат)