Театарот на апсурдот

Последниот чин од десетгодишната македонска драма финишира со конститутивната седница во Собранието на Република Македонија, на која веројатно и Семјуел Бекет би останал со подотворена уста. Баш не му се погоди на човекот. Не живее во време и на место во кое што инспирацијата за евентуално ново ремек дело би можел да ја бара во собраниските стенограми, или на вториот канал на МРТ.

И додека Никола Груевски е на кратка прошетка по Средоземното море, неговите пратеници упорно играат во неговиот театар на апсурдот, реплицирајќи си сами на себе. Де Димовски на Милошовски, де Муковски на Милошовски, де Минов на Милошовски, и така цел ден. Внатрепартиска дебата на ВМРО- ДПМНЕ, во живо на Собранискиот канал. И сега гледам кој е нивниот проблем. Тие место во внатрепартиските дебати да расправаат за нивните проблеми, тие расправаат за СДСМ, за ДУИ, за Алијанса, за БЕСА. И затоа и тие, а богами и сите ние сме заглавени две години во оваа политичка криза.

Баш би сакал сега да ја слушнам реакцијата на поранешниот министер за финансии гледајќи го циркусот кој им го приредуваат неговите сопартијци на целата македонска јавност. Дали она “Ние сме лудаци” од денешна перспектива изгледа преблаго?

Прљав веш

Се сеќавам дека на крајот на 2010 година  неколкумина новинари од најголемиот конкурент на телевизијата на Велија Рамковски, излегоа со контра парола “Јас не сум А1, јас плаќам данок”. И сега седум години подоцна гледаме дека не бил само Велија оној кој не плаќал данок. Данок затајувала и Тифани! Си купувала долен веш, книжејќи го притоа како основно сретсво за работа. Да помисли човек дека место во Македонија живее во Амстердам, а Тифани место новинар да ти води свој бордел. Каде на друго место долниот веш би бил основно сретство за работа?

И сега Тифани е мета на политички прогон, а Велија криминалец. Сеад Кочан е мета на политички прогон, а Велија кирминалец. Затоа и овој вториот никако да се врати од службено патување и да ја докаже својата невиност пред суд. По овој принцип ако во иднина планирате да се занимавате со некакви незаконски активности, прво нешто што треба да направите е да отворите свој медиум, за да кога ќе бидете фатени како го кршите законот, тоа да го претставите  како напад врз слободното известување.

За некој кој има да фрли 33.000 денари на долен веш, режимот на Никола Груевски и не така лош. За некој кој има да фрли 150.000 денари на рачен часовник, режимот на Никола Груевски и не е така лош. Али режимот на Никола Груевски е дефинитивно лош за они 50% од граѓаните кои земаат месечна плата три пати помала од вешот на Тифани. Тифани не ја брани ни унитарноста, не го брани ни Груевски. Таа го брани нејзиниот долен веш. Прашање е што бранат оние чија плата е три пати помала од вешот на Тифани?

Шамарење

Велат дека луѓето се разбираат со збор, а магарињата со ќотек. Меѓутоа нашиот претседател не разбира никако. Во целиот овој период на политичка криза, тој е човекот кој изеде најмногу дипломатски шамари од меѓународната заедница. И покрај тоа сеуште ништо не сфаќа, или пак не сака да сфати.

Најверојатно неговиот тим на советници оценил дека дипломатските шамари помалку болат ако Хорхе е далеку од Македонија, односно на “важно” патување во пријателската Унгарија. Меѓутоа шамарите и покрај неговото отсуство силно одекнаа и во домашните и во странските медиуми. Хорхе е повторно на ѕидот на срамот.

Меѓутоа Хорхе како голем државник одлучи неговиот термин кај комесарот Хан да му го отстапи на Бетмен, промовирајќи го во лидер на македонската дипломатија. Па сега тој треба да не претставува пред евро претставниците со неговите идеи за чиста Македонија, и да ни обезбеди побрз влез во ЕУ и НАТО со неговите анти-ЕУ и анти-НАТО ставови. Брилијантно!

Неможам да речам дека идиотизмот на Хорхе ме изненадува. Баш напротив, очекувам секоја негова наредна одлука да биде поидиотска од претходната. Да не ве потсетуам повторно за аболицијата и за непочитувањето на обврската за доделување на мандат за состав на влада. Ова со Бетмен е ништо во споредба со претходните негови глупости. Одлуката да замине на патување во моментите кога ситуацијата во Македонија врие како во котел (токму поради него) е повторно идиотизам пар екселанс.

Меѓутоа кога подобро ќе размислам, можеби и подобро е кога не е во Македонија. Барем тогаш сме сигурни дека нова глупост нема да има.

Право да ви кажам не ме плашат толку многу глупостите на Хорхе, колку што ме плаши бројот на луѓето кој аплаудира на тие глупости. Истите тие кои ја бранат унитарноста на Македонија, кој го бранат Уставот на Македонија, му аплаудираат на таткото на нацијата додека го крши Устав што тие го бранат. И тоа го прават по втор пат.

Автор: Вуко Мелов

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не значи дека го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.