Нема втора шанса

Можеме до утре сабајле да зборуваме за тоа колку договорот со Грција е добар или лош за нас. Меѓутоа клучното прашање во однос на тој договор е дали ние како Македонци, со тој договор можеме да продолжеме да живееме? Дали овој договор нас Македонците од идентитетски аспект не повредува?

Договорот во суштина не е идеален. Ниту за нас, ниту за Грција. Идеален договор во кој и двете страни ќе бидат задоволни едноставно неможете да постигнете, бидејќи во тој случај нема договор. Ангела Меркел ни даде најдобра дефиниција за компромисот кој треба да го постигнеме, велејќи ни дека договор е можен единствено ако двете страни се подеднакво задоволни т.е незадоволни.

Она што е за нас важно во овој договор е целосната заштита на нашиот идентитет, односно државјанство, култура, јазик и сл. Копромисот кој за возврат го правиме е ерга омнес решение за нашето име. И тоа е дил со кој Македонецот, по мое мислење може да живее. Договор кој нас Македонците во идентитетска смисла не не повредува.

Да бидеме реални. Ние подобар договор од овој ниту сме добиле, ниту во иднина некогаш ќе добиеме. Ако не ми верувате мене, прашајте го поранешниот премиер Никола Груевски. Тој самиот во неколку наврати ја убедуваше целата македонска јавност дека нивната влада неможе да постигне договор со Грција, бидејќи не ни го признаваат нашиот идентитет.  И што е сега проблем со овој договор во кој нашиот идентитет е признат како македонски?

Ова е пакетот. Или ќе го прифатиме таков каков што е и ќе се интегрираме во НАТО и ЕУ. Или ќе останеме вечно надвор од овие институции. Изборот е наш.

Не ме интересира политика

ВМРО- ДПМНЕ повеќе се однесува како оној тотално пасивен дел од македонското граѓанство кој вели: “не ме интересира политика” , а не како најголемата опозициона партија. Не е возможно партијата која ја промовираше идејата за референдумот како начин на кој граѓанините ќе го имаат крајниот збор во однос на ова прашање, сега потајно да повикува на бојкот. Која е таа конзистентност во ставовите?

Меѓутоа доколку ВМРО-ДПМНЕ не сака да се вклучи во овој процес, па макар и да води негативна кампања, тогаш одлуката референдумот да биде консултативен, е доста мудра.

Според моја проценка, огромното мнозинство од граѓаните се е за НАТО и ЕУ заедно со овој договор. Малцинството е против. Знаејќи ги бројките ВМРО-ДПМНЕ одбива да се впушти во активно учество на референдумот, туку истиот преку бојкот сака да го минира.

Да претпоставиме една хипотетичка ситуација. Да речеме дека 650.000 граѓани се за, а 350.000 се против влез на Македонија во НАТО и ЕУ со овој договор. Доколку излезат сите и гласаат, условот за успешен референдум т.е цензусот од 50% плус еден е исполнет. Мнозинството од граѓаните се изјасниле позитивно, при што продолжуваме со нашата интеграција во НАТО и ЕУ. Меѓутоа што доколку оние 350.000 граѓани решат да не излезат при задолжителен референдум. Тогаш се паѓа во вода, иако мнозинството од граѓаните се за овој пакет. Па сега јас ве прашувам што е подемократски. Да дозволите да одлучуваат оние кои се мнозинство или малцинство во државата.

Затоа и нема да има задолжителен референдум.

Јас верувам дека прогресивните сили, на референдумот ќе обезбедат силен политички легитимитет за да ја интегрираат Република Македонија во НАТО и ЕУ.

Што доколку поради нас не успее договорот?

И ВМРО- ДПМНЕ и претседателот на Република Македонија заеднички работат по секоја цена да овој договор не успее, што од политички аспект можете да го сметате за коректно или некоректно. Не е спорна нивната желба овој договор по секоја цена да пропадне. Меѓутоа доколку се борите одредена работа за која вие сметате дека е лоша, да пропадне, тогаш барем треба да им кажете на граѓани што потоа. Што вие нудите како концепт на решавање на овој проблем? Да им кажете на граѓаните какви ќе бидат нашите преговарачки позиции ако договорот пропадне поради наша т.е поради ваша вина? Видовме како грчката дипломатија ја искористи антиквизацијата за да ги урниса нашите тогашни преговарачки позиции, и како наеднаш една година по Букуреш успеавме да изгубиме веќе добиен натпревар.

Можете да замислете доколку овој процес не успее заради нас, како грчката страна тоа ќе го искористи дополнително да ги засили нивните позиции. Тогаш со полн легитимитет повторно ќе можат да ни кажат нам и на целата меѓународна заедница, дека со овие договор е невозможен.

Ова прашање е жежок компир за грчките политичари. Повеќе од 75% од граѓаните на Грција се против зборчето Македонија воопшто да биде присутно во нашето име. Така да тие немаат премногу мотиви да го решаваат овој проблем, бидејќи не би имале некој ќар од решавањето на овој спор. Мотив имаме ние, бидејќи без ова нема ЕУ и НАТО.

Затоа не дозволувајте да бидете манипулирани. Не дозволувајте вашата иднина да биде ставена во функција на нечија политичка кариера.

Оваа генерација доби историска шанса.

Втора тешко да дочекаме.

 

 

Автор: Вуко Мелов

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не значи дека го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk