(КОЛУМНА) Ужасен крај или ужаз без крај?

Македонската Марија Антоанета во ликот на министерот за финансии кој во изминативе осум години купуваше чоколадо за неговиот шеф, веројатно ја постави најточната диагноза за неговите сопартијци велејќи дека тие се лудаци. Кога еден од “најомилените” министри на шефот  ќе постави ваква дијагноза за партискиот врв, во тој случај не е потребен нов Даме Груев за да ни каже: “Доста е! Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај”.

Оваа одлука на претседателот на Република Македонија да изврши колективна амнестија на целата политичка елита која беше инволвирана дирекно или индирекно во оваа политичка криза, де факто ја врати разврската на политичката криза таму каде што беше пред една година, односно надвор од институциите. Монтипајтонската игра која ја играт по којзнае кој пат, го ставa Хорхе во позиција да биде тој кој на свој грб ќе треба да ги пери сите гревови на врхушката на владеачката партија. Истиот ден кога Хорхе “самостојно” одлучи дека за нас “подобро” е да имаме криминална политичка елита, неговата матична партија со едно по малку смешно соопштение го пушти низ вода, велејќи дека тие не се согласуваат со неговата одлука за колективна амнестија.

protest pred sedisteto na dpmne

Овој потег на владеачката гарнитура ја води разврската како што споменав во една старо-нова димензија, и веќе е јасно дека договорот од Пржино е поголема палома од оној претходниот. Со ова тие успеаа уште еднаш да ни ја пратат порака која ни ја испраќаат изминативе години, и која што веројатно требаше да ја сфатиме доста порано, а таа е дека тие мирно (читај преку избори) не планираат да ја напуштат зградата на Илинденска бб.

Сметам дека после ова поголем дел од граѓаните сфатија што врхушката всушност сакаше да ни каже изминатиов период, па поради тоа ова радикализирање на состојбата е сосема оправдано. Отсекогаш сум бил заговорник на тоа дека протестите мора и треба да бидат мирни, односно без ниту најмал инцидент, меѓутоа мојот став во врска со ова прашање се измени преку ноќ.

Кога на другата страна вие имате ликови кои не прашуваат што треба да направат за да останат на власт, во тој случај единствениот начин да тие ликови да завршат таму каде што им е местото, е да ги исфрлите буквално како партали од институциите. Овој е патот, овој е единствениот пат кој ни гарантира светла иднина на сите нас. Овде се разбира не спаѓаат паразитите кој изминативе десет години константно цицаат од државната цицка, чие млеко доаѓа од сите граѓани на државата. Тие се посебен случај, случај сам за нив, луѓе кои својата душа ја тргувале со ѓаволот, знаејќи дека единствената работна квалификација е нивната црвена партиска книшка.

Втората варијанта на разврска на кризата, која за мене а верувам и за многумина е најнепожелната, е останувањето на режимот на власт. Овој тип на режими како нашиов, во други држави во минатото, па и кај нас се покажуваат доста жилави, и како што и погоре споменав единствен начин да се срушат особено во овие фази кога тие се добро инсталирани во сите пори на едно општество е улицата. Останувањето на режимот е релана можност, доколку граѓанството не покаже доволно храброст и упорност да го сруши до темел. Практично за нас не би била прифатлива Македонија на чело со режимот. Во таков случај би влегле во една нова етапа на авторитарно владеење кое ќе биде многу полошо и поостро поставено од ова досегашново.

protesti naslovna

Клучното прашање овде кое треба да го поставиме е дали меѓународната заедница ќе остави нејзината инвестиција овде туку така да пропадне. Пржинскиот договор е оној преку кој странците веруваа дека е можна институционална разрешница на целата криза, меѓутоа политичката структура е таква да направи се да разврската се врати повторно надвор од институциите.

Нивниот проект овде е доведен во знак плашање, па поради тоа очекувањата дека тие ќе превземат соодветни чекори за истиот да го спасат се сосема оправдани. Одговорот верувам дека ќе го добиеме во неделата која следува, и тој веројатно ќе биде нов повик за нови преговори, преговори кои би требало да резултираат со ново Пржино, Пржино кое ќе биде многу понеповолно за врхушката.

Меѓутоа тотално ослонување на меѓународниот фактор и чекање на тоа што тие ќе направат за решавање на кризата е сосема погрешно и само ќе ја засилува позицијата на владеачката партија. Потребна е нивна помош за квалитетна завршница, меѓутоа поголем дел од работата мора да заврши и граѓанството, односно граѓанството да продолжи да го прави тоа што го прави изминативе денови.

Состојбата иако изгледа многу комплицирана сепак е доста едноставна, или ќе застанеме цврсто во одбрана на правната држава и демократските вредности кои сеуште не се тотално изумрени или ќе добиеме состојба на полудиктаторки систем во кој правдата и демократските вредности ќе постојат само на хартија. Затоа во наредниот период нека ви одѕвонува во вашите глави во оваа борба против домашниот окупатор мислата на Даме Груев: Доста е! Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај.

Автор: Вуко Мелов

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не значи дека го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk