(КОЛУМНА) Нокаут

Дури ни агресивната гебелсова пропаганда неможе овој пат да ја искриви сликата за евидентното распаѓање на веќе трулиот режим. Единствената константа во овој момент е нивниот крај, крај кој неможе да биде променет туку само убрзан.

Фамилијата е сардисана од сите страни. СЈО, меѓународната заедница и граѓанскиот сектор му задаваат тешки удари на боксерот кој очајно се труди да излези од ќошот и да добие нова шанса. Јасно им е дека оваа борба за нив е борба за живот или смрт, па затоа на тимот на Груевски ни на крај памет не му паѓа да ја фрли крпата пред судијата да изброи до десет.

Нокаут

По последната изјава на Ахмети, избори на 5-ти јуни се можни само ако Министерството за внатрешни работи си плукне на раце, и почне со масовно производство на лични карти. Ахмети многупати до сега ни ја покажуваше неговата лојалност кон неговиот коалиционен партнер. Меѓутоа во последнава година Ахмети покажа дека таа лојалност престанува во оној момент кога тој ќе биде телефониран од страна на Вашингтон.

Тасот секогаш превагнуваше на страната на пријателите од САД. Така се потпиша  договорот од Пржино, така се одложија и изборите на 24-ти април. Иако веројатно тешко, али сепак одлучи на крај Ахмети да му зарие нож во грб на неговиот коалиционен партнер.

Ова откажување на љубов веројатно тешко ќе му падне не само на самиот Али, туку и на целата бизнис елитата околу него, која во меѓувреме треба да научи да егзистира без нивниот дел од  тендерскиот колач. Ова го прави 5-ти јуни послаб бетон од 24-ти април, и единственото прашање во моментот е кога бившиот премиер ќе излезе повторно на прес конференција и ќе ни соопшти дека ќе има ново одложување на изборите. Без целата опозиција (македонска и албанска), и без двете најголеми албански партии, одењето сами на избори ќе значи нивен нов автогол, од проста причина што тие нема да бидат ни блиску до обезбедување на потребниот цензус.

Откако “Разумниот компромис”, “самостојно” и неразумно одлучи да го помилува целиот политички врв, успеа да ја врати кризата таму кадешто беше минатата година, на улица. Пржинскиот договор е новиот палома договор, како што Илија Димовски милува да каже. Иако претходно единствениот фронт кој нив им беше приоритетен беше оној со СЈО, со одлуката на претседателот тие отворија два нови: со граѓанскиот сектор и со меѓународната заедница.

Молкот на меѓународната заедница претставува своевидно затишје пред бура. Бурата ќе дојде, единствена непозната е нејзината форма и последици кои таа ќе ги остави. Ставањето на владеачкиот врв на црните листи и блокирање на нивните сметки во странство не е нешто што треба да не загрижува и изненадува.

Она што треба да не загрижува е евентуалното одземање на препораката, укинувањето на визната либерализација и економските санкции кои можат да имаат негативни последици кон нашата економија. Затоа меѓународната заедница, во оваа нејзина прва офанзива против режимот, ќе мора многу внимателно да ги одбира мерките, со цел да не нанесе трајна штета која подоцна ќе треба сите ние да ја плаќаме.

Хитлер во 45-та, иако знаејќи дека прашање е само на време кога антифашистичките сили ќе го завземат и Берлин, сепак решил да се брани до крај. Крајниот епилог е тотално разрушена Германија, и уште илјадници загинати лица. Режимот е очаен, како и фирерот во 45-та, и е решен да се бори до крај, дури и по цена на евро-атланската иднина и економската и безбедносната стабилност на државата.Тие веројатно и посакуваат една состојба на општ хаос, мислејќи дека тоа е нивната сламка за спас.

Од град во село за нов почеток, е проектот кој треба да го пери извалканиот лидер на ДПМНЕ, да обезбеди една колективна амнезија која ќе му обезбеди нов почеток. Црвениот картон кој фамилијата го доби од внатрешниот и надворешниот фактор дефинитивно ќе претставува нов почеток, како за фамилијата така и за граѓанството.

Автор: Вуко Мелов

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не значи дека го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk

Коментари

коментари