(КОЛУМНА) Ненаменско задолжување за наменски избори

Македонската Марија Антоанета продолжува да купува чоколадо во ситуација кога ние немаме ни за леб, и сака трошки од чоколадото да им подели на граѓаните во замена за нов мандат.

Напуштањето на удобните фотељи е доста тешко за секого кој веќе еднаш седнал во нив, па поради тоа уште сега се мисли за април, односно уште сега прави подлога за победа на изборите наредната година.

finance1

Од 2009 година па наваму јавниот долг на нашата држава драстично се зголемува, па затоа и овие нови задолжувања на владата не треба да претставуваат изненадување за нас особено доколку се придодаде фактот дека изборна година е пред нас. Поврзаноста помеѓу задолжувањето и изборите е јасна, односно потребни се пари за нови зголемувања на социјалните трансфери а кој нашиот буџет реално неможе да ги издржи, и со тоа да се влијае изборната воља на гласачите да не се промени во април наредната година. Тука доаѓаме до еден клучен момент односно до едно клучно прашање кое кога тогаш ќе мораме да си го поставиме, односно до кога вака?

Јавниот долг според последните податоци на министерството за финансии изнесува 43,9%, и приказната дека Македонија е една од четирите најмалку задолжените земји во Европа од ден на ден станува историја. Доста брзо ги прелетавме другите европски земји кога станува збор за задолжувањето. Тоа ни укажува на еден фактор кој е доста значаен кога се зборува за задолжувањето, а тоа е динамиката на задолжување.

Во доста краток временски период Македонија успеа значително да го зголеми нејзниот јавен долг, и ако тој во 2008 изнесуваше 23% сега во 2015 година тој е зголемен на 43,9%. За само седум години јавниот долг пораснал за 20,9%, односно во просек јавниот долг секоја година се зголемува за речиси три проценти.

Ова е резултат на фискалната недисциплина на владата и големите буџетски дефицити кој ги остваруваме последниве неколку години. Исто така мора да се напомене дека дел од задолжувањето беше оправдано за време на светската финансиска и европската должничка криза со цел да се обезбеди зголемена економска активност во кризни периоди и одржлива стапка на раст на бруто домашниот производ.

2014-08-29-nova-zgrada-min-za-finansii_13

Фото: Министерство за финансии

Другиот фактор кој е доста значаен кога станува збор за задолжувањето е начинот на трошењето на позајмените сретства. Од предлог буџетот за наредната година и од буџетите за предходните години можеме да забележиме за што најмногу се користат јавните пари.

Доколку ја погледнеме расходната страна на буџетот ќе забележиме дека најголем дел од сретствата се наменети за социјални трансфери, плати, субвенции и сл, односно 45% од вкупните расходи отпаѓаат на ставката социјални трансфери, кои доколку ги споредиме со 2006 година ќе видиме дека социјалните трансфери од тогаш до денес се зголемиле за неверојатни 198%. Од друга страна капиталните инвестиции зафаќаат околу 12% од буџетот. Фактот што капиталните инвестиции зафаќаат само мал дел од буџетот претставува еден показател дека јавните сретства не се користат продуктивно, односно се користат на места (социјални транфери, плати, субвенции) каде повратот на сретствата е еднократен.

coins_on_chart

Доколку го погледнеме проектираниот буџетски дефицит за наредната година во тој случај можеме да заклучиме дека владата нема намера да престане со задолжувањето и наредната година. Проектираниот буџетски дефицит за наредната година е помал од дефицитот за оваа година и тој изнесува 3,2%, што преведено во пари ќе изнесува нешто повеќе од 300 милиони дупка во нашиот буџет која ќе ја покриваме веројатно со задолжување на домашниот или странскиот пазар.

Доколку го земеме фактот дека со ребалансите на буџетите во изминативе години буџетскиот дефицит на крај на година изнесуваше доста поголем од проектираниот, во тој случај не треба да очекуваме таа пракса да престане посебно фактот што 2016 година е изборна година за нас.

Ова темпо на задолжување веројатно набрзо ќе мора да престане од неколку причини. Како прво динамиката на раст на задолжувањето е дупло поголема од растот на бруто домашниот производ, кое е веројатно резултат на непродуктивното искористување на сретствата, и ова значи дека не го добиваме посакуваниот резултат од задолжувањето.

glance-for-finance

Второ, овој начин на задолжување мора да престане да се прави во со цел да се остави фискален простор за одговор кон евентуалните макро шокови би настанале во иднина.

Трето, бруто надворешниот долг ( збир од надворешниот долг на приватниот сектор и надворешниот долг на јавниот сектор) сега изнесува 6.4 милијарди евра. Овој долг од 2006 година до денес се зголемил за 156%, односно овој долг растел за 2,6 пати побрзо од растот на номиналниот бруто домашен производ. Ова значи дека оваа темпо на задолжување е неиздржливо за нас поради фактот што не носи економски резултати, и поради тоа почнуваме да се вртиме во таканаречениот ѓаволски круг во кој позајмуваме средства за да сервисираме некој од претходните долгови.

Јасно е дека со овој начин на задолжување Македонија полека го губи својот фискален суверенитет. Оваа состојба ни е јасна на сите, најмногу на Кумот кој се нафатил да ја играа оваа лудачка игра во ликот на македонската Марија Антоанета. Прашање е на време само до кога ќе можеме да купуваме чоколадо, кој на крај ќе ја плаќа цената и што ќе јадеме тогаш кога ќе немаме ни за леб?

Автор: Вуко Мелов

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk