(КОЛУМНА) Митот за Нарцис и Прометеј

Како никогаш порано овие два антички мита не се толку релевантни како што се денес. Овие две фигури од грчката митологија, Нарцис и Прометеј се целосно спротивни по својата суштина. Но, тие ни даваат лекција која е исто толку битна и денес.

насловна мит

Но, кои биле Нарцис и Прометеј и зошто нивната приказна е важна и релевентна и денес? Нарцис бил младо момче, кое било познато по својата убавина. Еден ден додека бил на прошетка, застанал да се напие вода од бистриот извор кој бил во близина.

Но, како што се наведнал да се напие вода, го видол својот одраз во водата. Толку бил воодушевен од одразот на себеси во водата, што неколку часа не можел да престане да се гледа. После некое време се обидел да се бакне самиот себе, но како се наведнал паднал во водата и се удавил.

echo04L

Прометеј од другата странa бил тотална спротивност на Нарцис. Ќе се обидам да ви ја раскажам кратката верзија на приказната. Прометеј бил син на еден од Титаните, за кој за разлика од останатите богови, чија единствена љубов биле тие самите, единствена љубов било човештвото.

Така, според приказната, тој го зема оганот од боговите и им го дава на луѓето. Поради тоа, тој е казнет од страна на Зевс, така што е врзан со синџири на планината Кавказ, каде секое утро доаѓал орел кој му го колвал дробот. Навечер дробот пак му зараснувал и утрото повторно доаѓал орелот. Прометеј бил осуден на вечно страдање, како казна за неговата љубов кон човештвото. Тој го дал целото свое постоење за доброто на човештвото.

Прометеј

Приказната за Прометеј, гледано митолошки е многу слична со онаа на Исус, кој исто така се жртвувал за човештвото. Многу елементи на таа приказна поттекнуваат токму од овој антички мит.

Како и да е, што сакаат да кажат овие два антички мита? Зошто се релевантни и ден денес?

Нарцис и Прометеј се симболички приказ на две крајности. Едната е ексклузивната љубов кон самиот себе, а другата е безусловната љубов кон останатите, на сметка на жртвување на сопственото постоење. Гледано психолошки, крајностите се секогаш патолошко однесување. Психолошки здрава личност живее живот некаде помеѓу овие два екстреми.

Нарцис и Прометеј се рефлексија на човечкиот род, на типовите на однесувања меѓу луѓето. Нивниот крај е лекција за оние кои живеат во било кој од овие два екстреми, ексклузивна љубов кон себеси или ексклузивна љубов кон останатите.

селфи девојки

Модерното општество и капитализмот, преку новите технологии, социјалните мрежи и вредностите кои се пропагираат, го завртија нишалото на едната страна. Модерното општество успеа да создаде толкав број на нарциси, како во никое друго претходно општество.

Модерното општество успеа да создаде таков вид на крајност и опседнатост со самите себеси, невидена до сега. Доволно е да отворете некоја од социјалните мрежи, како фејсбук и инстаграм и да го сфатите ова. Девојките се опседнати со својата убавина, момците со своето тело. Таа опседнатост е издигната на ниво на масовна психоза.

Безброј селфија од секој агол. Лајковите на фејсбук, станаа храна за нашето его. Станавме нарциси. А, кога општеството, па и една личност ќе отидат во една крајност, тоа никогаш не завршува добро. Токму затоа го спомнав во овој контекст митот за Нарцис.

Нарцис стана типичниот модерен човек. Човекот, кој гледајќи се себеси, и кој не можејќи да се изнагледа на својата убавина, во крајниот чин од приказната ќе се обиде да се бакне себеси и ќе потоне во длабичините.

Правилото на природата и психата е дека, секогаш во време на крајности, се појавуваат компензирачки фактори и елементи, кои се обидуваат да воспостават нов еквилибриум. Но, и тие компензирачки елементи, секогаш се на другата страна на нишалото.

Така, судирот на двете крајности има функција да создаде баланс и еквилибриум. Но, тој процес е секогаш турбулентен и болен. Не сум песимист по природа, но крајноста која ја создаде модерното општество ќе генерира свој антипод кој ќе се обиде да воспостави повторен еквилибриум во човечката психа и во општеството. Тоа е механизмот со кој природата се брани самата себеси од ваквите крајности и масовни психози кои ги создаде модерното општество.

Автор: м-р Благој Ѓелевски

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk