(КОЛУМНА) Затишје пред бура

Можеби се навикнавме на прединамична политичка сцена со секојдневни нови случувања и будалаштини на актерите дури и во периоди кога политичките води во рамки на Република Македонија се доста помирни од сегашните. Тоа ја прави оваа тишина во екот на политичката криза сосема несфатлива за сите нас.

Молкот како на домашните така и на надворешните актери сосема оправдано го отвара прашањето за патоказите на можната разрешница на кризата. После поништувањето на одлуката за избори на 5-ти јуни и враќањето назад на режимските министри, режимот ја возобнови својата институционална моќ, па место да ги спроведува итните реформски приоритети од извештајот на Прибе за побрз излез од кризата, тие својата артилерија ја насочија кон Шарената Револуција.

шарена револуција1

Со повикувањето на информативни разговори и изречувањето на кривични и прекршочни мерки, и постојаните закани и уцени кои се прават на сите оние кои размислуваат различно од нив, режимот докажува уште еднаш дека мирно, на фер и демократски избори нема намера да си замине, од проста причина што тие ќе направат се да такви избори никогаш да не се случат во Република Македонија.

Шарената Револуција е евидентен трн во око на режимот, не толку поради досегашните, туку поради можните нивни идни радикални делувања. За прв пат гледам дека заканите, уцените и казните не го даваат посакуваниот резултат, баш напротив добиваат контраефект, односно добиваат повеќе луѓе на улиците, добиваат погневни луѓе на улиците.

протестирам

Опозицијата сеуште тактизира, сеуште дава шанса на вразумување и веројатно поради тоа не застанува комплетно зад Шарената Револуција, туку таа сеуште остава тоа да биде изблик на чисто граѓанско незадоволство без никаква партиска позадина.

Веројатно и целата демократска јавност е можеби претрпелива кога станува збор за радикализирање на состојбите. Под радикализација секако дека не станува збор само за насилство, имено како одредено радикализација на протестите сметам дека е и блокирањето на раскрсниците кое што се случиво Скопје пред некој ден.

Се додека овие протести кои ги организираат “шарените” не го попречуваат нормалното функционирање на државата, тие ќе претставуваат пречка за режимот, меѓутоа нема да претставуваат толку голем проблем, и во една таква состојба режимот би ги фатил протестантите на кондиција.

Попречувањето на нормалното работење на институциите, блокирање на патишта и слично би требало да биде следниот чекор на Шарената Револуција, како одговор на тоа дека повеќе не се плашат и дека овој пат се спремни да одат до крај. Багерот секогаш останува реална опција, но во краен случај. Приоритет е разврската на кризата да не заврши со крвопролевање по улиците, меѓутоа за тоа дали ќе имаме институционална или разврска преку улица зависи од одлуките кои ќе ги носат центрите на моќ.

шарена револуција

Неспособни сами да си решиме проблемите дома, странците отсекогаш се клучот за решението на секој наш проблем. Меѓутоа после информативните посети на претставниците на меѓународната заедница, и претходните најави за определени санкции кои ќе бидат превземени за дел од нашата политичка елита, од странскиот фактор ни трага ни глас.

Дали сеуште калкулираат со мерките, или пак хетерогената структура на Европската Унија и евидентно тешкото усогласување на одлуките се причините поради кои тие изминатиов период се отсутни на нашата политичка сцена?

Дали оваа хетерогена структура е евидентен хендикеп на Европската Унија да таа не може да делува ефикасно во решавање на кризата, и веројатно во една таква состојба ги стави во преден план олеснувачите од Германија и САД во разрешувањето на кризата, а додека  Хан (читај Европска Унија) ќе остане само немиот посматрач во разврската на македонската криза.

Веројатно странците нема да измислуваат топла вода, и да одат со еден нов долг и мачен процес на преговори како што беше случај лани, туку ќе пробаат преку основите поставени минатата година со договорот од Пржино, дополнети со порадикални елементи да ги развластат дополнително властодршците до степен до кој тие нема да можат значително да влијаат на политичката и на правната разврска на македонската криза.

Затишјето веројатно ќе трае многу кратко пред да почне новата бура на македонската политичка сцена. Бура која не знаеме ни што ќе однесе ни што ќе донесе, но во секој случај ќе ни расчисти голем број дилеми.

Автор: Вуко Мелов

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не значи дека го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk