Кои се трошоците и придобивките од изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица

Вкупните придобивки од изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица од Коридорот 10 во период од 30 години ќе достигнат 464 милиони евра, додека пак трошоците за градењето и одржувањето на автопатот се проценуваат на 330 милиони евра, покажа cost – benefit анализата на група истражувачи  во рамки на проектот FISCAST: Градење капацитет и алатки за фискална одговорност, одржливост и транспарентност во Македонија, спроведен од Finance Think. Анализата покажа дека сегашната нето – вредност е позитивна и на долг рок по 30 години од денот кога почна реализацијата на овој проект во 2011 година, изнесува 9,7 милиони евра.

автопат Демир Капија - СМоквица

Просечниот годишен поврат на инвестицијата на рок од 30 години, без да се пресметаат трошоците за исплата на камати, изнесува 0,13% за иницијалната инвестиција од 252 милиони евра, што е скромна исплатливост споредено со некои проекти во Европа кои што ги истражуваше Европската инвестициска банка (ЕИБ) каде што 10 од 14 изградени патишта донеле годишен поврат на инвестицијата од 4%.

Сепак, cost – benefit анализата покажа дека инвестициите во инфраструктурата носат повеќе придобивки отколку трошоци и поради тоа, истражувачите им сугерираат на властите што повеќе пари од буџетот да инвестираат во капитални објекти.

„Инвестициите во патна инфраструктура се долгорочни проекти и нивните ефекти може позитивно да се одразат врз бизнис секторот, да привлечат странски инвестиции и да ја зголемат трговската размена со земјата. Но исто така да намалат одредени негативни екстерналии како сообраќајни незгоди или скратување на времето потребно за патување. Сето ова на долг рок води до побрз економски развој. Во истражувањето во рамки на проектот FISCAST, беше идентификувано дека изградбата на еден таков инфраструктурен проект делницата Демир Капија – Смоквица, резултатите покажаа дека бенефитите ги надминуваат трошоците од овој проект, и покрај нискиот принос од 0,13%. Оттука, главната препорака е износите кои се трошат на овој тип проекти да се зголемува во иднина“, оценува Благица Петрески, извршен директор на институтот Finance Think.

Сличми препораки дека е потребно многу поголемо инвестирање во капитални проекти во инфраструктурата, кои на долг рок се исплатливи и го зголемуваат обртот на целата економија, упатија и истражувачите што ја направија оваа cost – benefit анализа.

„Капиталните проекти изминативе десетина години беа занемарувани на сметка на трошоци за социјални трансфери, плати за администрација и останати непродуктивни проекти. Доколку барем дел од нив се пренаменеа за изградба на јавната инфраструктура, како автопати, би се изградиле повеќе стотини километри автопат, кои би донеле раст на економијата, и би создале услови на долг рок со цел бизнисите да ги намалуваат трошоците на работење, на пример, преку заштеда на гориво, време за транспорт, и за сметка на тоа тие ќе работат со поголеми добивки, ќе отвораат нови работни места, па дури и ќе ги прошируваат своите бизниси“, велат истражувачите на оваа cost – benefit анализа, Квантум прима од Кавадарци и Здружението за регионален одржлив развој, Кратово.

Demir Kapija - Smokvica

Според нив, капиталните инфраструктурни проекти, и покрај тоа што се капитално интензивни во почетните години (во овој случај околу 9 милиони евра по километар) и за кои е потребно понатамошно долгорочно задолжување на државата преку заеми од меѓународни финансиски институции, сепак се исплатливи на подолг рок и придонесуваат во зголемувањето на генералната социо – економска благосостојба во земјата, но и креираат потенцијал за понатамошен развој.

Откако оваа делница ќе биде завршена до септември годинава, едно возило од Демир Капија до Смоквица ќе стигнува за 10 минути побрзо отколку сега, откако ќе заврши изградбата на овој дел од Коридорот 10 во Македонија. Наместо за 25 минути колку што се потребни за да се извозат сегашните 32,8 километри со максималната дозволена брзина од 80 км на час, по новиот автопат во должина од 27,3 километри, со максималната дозволена брзина од 110 км на час, од едното до другото место ќе се стигнува за приближно 15 минути.

Ако се знае дека дневно по овој автопат поминуваат во просек по 10.000 возила, сите тие по новиот автопат би заштедиле вкупно 97.000 минути. Доколку тоа се помножи со 365 дена во годината, се добива годишна заштеда од 590.083 часа.

А времето е пари. Од сите 10.000 возила што дневно ја возат оваа делница од Коридорот 10, само 3.800 возила се на Македонци, и доколку заштедата на време се изрази во вредност на работен и неработен час во земјава, анализата покажува дека заштедата би била околу 308 илјади евра годишно.

Освен заштеда на време, cost – benefit анализата покажува дека ќе се намалат и трошоците за гориво и амортизација на возилата, се проценува дека ќе се зголеми трговската размена со Грција а со тоа и економската активност.

Овие проценки ги потврдиле и менаџерите на 10 компании од овој регион кои што ги анкетирале истражувачите. Дури 70% од нив одговориле дека очекуваат да ги зголемат приходите откако ќе биде отворена оваа делница до крајот на годината, а 80% од нив потврдиле дека очекуваат да ги намалат трошоците за гориво и амортизација.

Според очекувањата на сопствениците на компаниите од секторите транспорт, шпедиција и логистика, туристичките агенции и фирмите кои се занимаваат со малопродажба, со изградбата на автопатската делница нивниот профит ќе порасне над 20%. Сепак, економистите проценуваат дека дури и да се нивните очекувања преоптимистички, раст на профитот од 10% би бил сосема реален.

Според податоците од Државниот завод за статистика, се проценува дека 40% од целата трговија во земјава се одвива преку Коридорот 10. Тоа значи дека ставката транспорт и складирање во бруто домашниот производ (БДП) токму по овој автопат зафаќа околу 95,9 милиони евра и растот од 10% би изнесувал 9,59 милиони евра годишно.

Целата статија може да ја прочитате на следниов линк