Интервју со Олга Рајчиќ, претседател на Анти-Корупција Интернационал Македонија

Олга интервју 1

1) Која е Олга Рајчиќ?

Претседател на Анти-Корупција Интернационал Македонија и студент на магистарски студии по менаџмент на човечки ресурси. Млад ентузијаст кој верува дека младите ја имаат моќта да донесат промени во секое општество. Безрезервен оптимист спремен да ги погледа работите од повеќе агли и човек кој сака да придонесе за создавање на подобро општество. Млад човек кој лесно го повредува фактот дека песимизмот е еден од честите ставови кај младите луѓе во Македонија.

2) Пред некој месец станавте претседател на организацијата Анти-Корупција Интернационал Македонија. Кажете ни нешто повеќе за организацијата и што поточно работите?

„Анти Корупција Интернационал – Македонија“ е национален огранок во светската организација Anti Corruption International, која на глобално ниво се основа оваа година 20 март, како производ од светската студентска конференција во Трондхајм, Норвешка, чија што тема беше токму корупција. Како што растеше светската младинска организација, дојде и моментот за обединување на младите на национално ниво, со цел да делуваат во своите матични држави.Свесни за моменталната ситуација во нашето општество, ја воочивме потребата за отварање на здружение во Македонија, со цел да ги поттикнеме младите луѓе за прв пат да завземат став и да се вклучат во борбата против корупцијата и во Македонија.

Горда сум што ваква организација се појавува за прв пат во Македонија, каде што младите луѓе завземаат став во борбата против корупција. Воедно, горди сме што сме првото национално претставништво во Источна Европа, на оваа светка младинска организација.

„Анти Корупција Интернационал Македонија“има за цел да ги обедини и да ги поврзе младите од Македонија со младите од целиот свет, како и да ја подигне свеста за прашањата поврзани со корупцијата. Имаме за цел да функционираме како платформа за младите луѓе каде што ќе можат да ги споделат своите искуства со корупцијата. Наша главна цел е да спроведеме масовна едукација на младите луѓе за видовите корупција и начинот со кои тие можат да се справат, воедно и да ги едуцираме луѓето за деструктивните влијанија на корупцијата врз општествениот и индивидуалниот напредок и развој.

Собрани околу нашата заедничка цел и визија, имаме намера да ги охрабриме младите луѓе да зборуваат за своите проблеми предизвикани од корупцијата и да делуваат во насока на нивно сузбивање. Тоа сакаме да го постигнеме преку меѓународна соработка, здружувајќи го талентот, вештините и амбициите на младите луѓе од целиот свет.

Организацијата почна со своите проекти, од кој првиот проект кој почнува на 31 Октомври „Кажи и НЕ на корупцијата. Секое НЕ се брои!“ е токму едукација на младите луѓе за препознавање на корупцијата во секојдневието, и како можат да се справат со истата. Ова е само еден проект од низата на проекти, кои допрва следуваат.

3) Според многу меѓународни извештаи, Македонија долго време котира како земја со високо ниво на корупција. Како вие во поглед на корупцијата ја оценувате Македонија? Ваш коментар околу тоа?

На последното рангирање на Transparency International, Македонија е рангирана на 64-то место од 175 земји. Освоеното место го делиме со Турција и Оман додека сме приморани за пример да ги земеме Руанда и Куба. Зарем ова не е доволен показател за ситуацијата во Македонија? Факт е дека ниту една држава не е имуна на корупција, но прашањето е колку се граѓаните спремни да се борат со истата, или пак да дозволат и тие да станат дел од големиот синџир на корупцијата.

Оваа година направено е истражување каде што може да се види дека скоро половина население во Македонија, т.е. 1.000.000 жители, би се впуштиле во коруптивни дејствија. Јас самата бев вџашена, затоа што длабоко во мене верував дека младите луѓе ќе ја променат оваа слика, но се чини дека младината во Македонија е подлежна се повеќе на корупција.

Сите овие статистики се загрижувачки и алармантни, за нас младите луѓе кои сакаме и се трудиме да живееме и создадеме нешто во Македонија. Свесна сум дека корупцијата е една од најчестите причини за напуштање на државата, но ми се чини дека некои луѓе не се свесни, дека 90% од проблемите во Македонија се за жал предизвикани токму од корупцијата, во тука лежи проблемот на Македонија.

олга интервју 4

 


4) Дали сте оптимист или песимист дека корупцијата во Македонија ќе се намали и кои мерки вие лично би ги предложиле за тоа?

Јас сум, како што кажав и на самиот почеток, оптимист, но во целава ситуација потребно е да ги погледнеме работите од објективна страна, затоа што сметам дека во оваа ситуација не можеме да кажеме дали е црно или бело. Во Македонија има прилично доста организации кои работат на полето на антикорупција, но се чини дека не успеале да допрат до обичниот граѓанин, токму затоа пред нас е претстои тешка работа, бидејќи многу млади луѓе (па дури и повозрасни граѓани) не се запознаени со видовите на корупција, како и негативните последици од истата.

Сметам дека младинска организација за антикорупција, е токму основниот механизам што му треба на ова општество, затоа што алармантните податоци ни укажуваат дека младите конечно треба да се вклучат и да делуваат во овој сектор. Тимот на „Анти Корупција Интернационал Македонија“ цврсто верува дека преку едукација за антикорупција, многу млади луѓе од различни региони на Македонија ќе добијат повеќе информации, а со тоа ќе успееме да ја подигнеме свеста за ова прашање, и ќе делуваме во создавањето на критичната маса помеѓу младите луѓе.

Јас верувам дека главниот механизам е всушност подигнувањето на свеста кај младите луѓе, кои ќе придонесат за создавање на едно здраво тло, каде што подоцна заедно со други законодавни механизми ќе може да се работи за намалувањето на корупцијата во Македонија. Нашата организација е значаен играч во оваа битка и ние самите нема да можеме да ја извојуваме доколу и останатите граѓани не се вклучат во намалувањето на корупцијата.


5) Денес се повеќе млади во потрага по подобра заработувачка и поквалитетен живот, решаваат да заминат од Македонија. Дали сметате дека во Македонија сеуште има можност за успех и напредок на еден млад човек?

Сите сме свесни дека ситуацијата во Македонија е алармантна, и тоа не само поради случувањата за кои читаме по медиумите, туку најголемиот пораз е што младите луѓе не ја гледаат својата иднина во Македонија, и во се поголем број ја напуштаат државата. Јас сум од оние кои се растажуваат кога ќе слушнат дека некој си оди од државата, без да размислува на враќање назад.

Токму оваа тема често ја дебатираме со моите пријатели и соработници, и многу млади луѓе се плашат од фактот дека нашите генерации се отселуваат, па прашањето е што ни преостанува нас овде. Јас верувам и секој ден сум се повеќе уверена дека пред да се донесе одлуката за напуштање на државата, секој млад човек треба да се обиде да создаде нешто.

Знам многу успешни млади примери кои се обидуваат со различни мини бизниси да направат промена и да си обезбедат пристоен живот, токму овие млади луѓе ми ја враќаат надежта дека Македонија има потенцијал за успех. Сметам дека самиот факт што Македонија е земја во развој токму затоа имаме потенцијал да направиме многу и постигнеме успех, но само ако сме решителни и ако целосно се посветиме во остварување на нашите цели. Јас верувам дека во Македонија допрва ќе се случуваат значајни работи, и знам дека на крајот од тунелот има светлина, само прашањето е колку сакаме да ја видиме.

Олга интервју 3

6) Кое е вашето омилено мото или мисла?

Никогаш не се сомневај дека мала група на посветени граѓани можат да го променат светот. Всушност, тоа е единственото нешто што некогаш донело промена!

7) Како изгледа вашата идеална, но реална, визија за Македонија?

Македонија ја замислувам како мултиетничка земја, каде што луѓето имаат разбирање за взаемните разлики и работат заедно за создавање на едно општество со квалитетни вредности. Се надевам дека ќе успееме за прв пат да го искористиме многу зборуваниот транзиционен период, за создавање на земја со транспарентно општество, и општество каде што секој млад човек може да си ја замисли својата иднина и да го пронајде своето место.

8) Што би им порачале на младите во Македонија?

Секој млад човек треба да биде свесен дека во себе носи потенцијал, што ниеден друг човек го нема на планетата Земја. Затоа секој од нас треба да работи на себе за да го осoзнае својот вистински потенцијал, затоа што секој е тука со некоја причина, причина која носи промени во секое општество. Учете, надоградувајте се, споделувајте мислења (не се плашете), дебатирајте, бидете искрени и чесни, давајте-не бидете себични, размислувајте со своја глава, не се споредувајте со другите, примајте совети затоа што само така ќе пораснете како личност.

Никогаш не заборавајте дека токму ВИЕ можеби сте дел од некоја голема општествена промена што светот се уште не ја видел, затоа не ги оставајте работите во рацете на возрасните, туку почнете да работите на својата иднина. Станете од столчето пред компјутерот и покажете му на светот дека ВИЕ тоа го можете и сте спремни за промени!