(КОЛУМНА) Името не го даваме!

Илузијата која се шири како најопасниот вирус во јавноста, дека нашата држава има и друга алтернатива освен онаа евроатланската, веројатно може да ги зафати само оние најнаивните. Но кога нашата реалноста е покварена , нашата слика е искривена до тој степен да губиме секаков допир со нејзе, и тогаш вашата перцепција за доброто и лошото станува сосема погрешна.

Иако во нашата земја не живеат Бетмен, Супермен и Спајдрмен сепак на нашата политичка сцена ние си имаме наши суперхерои кој не чуваат од сите надворешни и внатрешни непријатели кои на Македонија и мислат се најлошо. Меѓутоа како и сите суперхерои така и овие нашите имаат два лика, односно кога маските се ставени и откако истите ќе се симнат.

Нашата заслепеност е дојдена до тој степен да ние неможеме овие истите наши суперхерои да ги видиме заправо кои се кога некој веќе им ја тргнал маската. Можеби неможевме да ги видеме, но барем можеме да слушнеме и да оцениме за кој станува збор.

makedonsko_zname

Патриотската приказна е веројатно најпродаваниот продукт од страна на владеачката партија. Практично во нeго инвестираа најмногу и тој истиот им носи најголем политички профит.

Меѓутоа за остварувањето на тој личен профит на владеачката партија, цехот кој го плаќа нашата држава, односно цехот кој го плаќаме ние самите е огромен, и веројатно ќе не држи уште долго време пред вратите на Европска Унија и НАТО.

Медиумските мегафони на власта и разните квази експерти креираат едно анти-нато и анти-европско расположение во рамки на Република Македонија. Отргнувањето од евроатланскиот пат и пренасочување на возот на други шини веројатно треба да ја спасува патриотската приказна на владеачката партија која успешно ја продава изминативе години, а во последниот период е на климави нозе.

Оваа владеачка гарнитура во изминатите години намерно или од незнаење значително ги ослабе нашите позиции во однос на спорот со името со Грција. Наместо нашата надворешна политика да биде насочена во правец на создавање на нови пријателства и земји кои ќе ја подржат Македонија во овој спор, ние го правевме сосем спротивното т.е бевме насочени кон нивно провоцирање.

знаме скопје плоштад

Тоа на крај резултираше со губење на нашите пријатели надвор без кои лично сметам дека никогаш нема да дојдеме до решението на овој децениски проблем.
Нашите позиции се драстично ослабени во еден период од десет години, и тоа најлесно можеме да го погледнеме од предлозите кој се ставени на маса од страна на медијаторот.

Во 2005 година тогашното Министерство за надворешни работи успеа да го избоксува најдобриот предлог кој воопшто некогаш сме го добиле, во кој медијаторот Метју Нимиц предложи три години земјата да се нарекува Република Македонија со латинична транскрипција, а по три години да го употребува уставното име Republic of Macedonia (Република Македонија).

Овој предлог е одбиен од лидерот на тогашната опозициска ВМРО – ДПМНЕ, за да после три години тој истиот на самитот на НАТО во Букурешт прифати многу полош предлог од овој, односно прифатен е предлогот Република Македонија (Скопје). Пет земји членки го повлекоа неодамна своето учество од неформалната група “Пријатели на Македонија”.

Од вкупно 15 земји кои и даваа целосна поддршка на Македонија во Советот на министрите на ЕУ сега се останати само 10. Ако на сето ова се разгледаат предлозите кој се сега на маса и се споредат со оние од пред десет години ќе забележиме дека нашите позиции се драстично ослабени.

На САД им стана јасно дека руската нафта и рускиот гас се многу помоќни од рските тенкови, и со нив беше зголемувано руското влијание, не само на Балканот туку и во цела Европа. Поради тоа во изминатиот период фокусот на САД е повторно вратен на Балканот. Доколку ги следиме добро настаните ќе видиме дека САД прави се за да го неутрализира руското влијание на просториите на Балканскиот полуостров.

Уривањето на рускиот авион од страна на Турција а со тоа и уништување на можноста за изградба на “Турскиот Тек”, приемот на Црна гора во НАТО во која пред неколку години Русија инвестираше многу пари, константното притискање на Србија за конечно признавање на Косово и изјавите на министерот за надворешни работи Поповски и премиерот Груевски дека спорот со името мора што побрзо да се реши значи дека САД прашањето за проширување на НАТО сериозно го става на маса. Треба да бидеме наивни за да веруваме дека овој след на настани е случаен, и не само на нас туку и на другите земји на овој простори им се дава друга алтернатива освен онаа евроатланската.

Веројатно заблудата дека евроатланскиот пат има алтернатива, нема да трае уште долго! Практично самата идеја дека ние сами ја креираме нашата надворешна политика е смешна, односно доста поголеми и воено и економски посилни земји од нас се под одреден диктат во креирањето на нивните надворешни политики.

Нашата рамка во креирањето на надворешната политика е определена однапред, останува само нашата вештина во тие рамки да искреираме политика која ќе ја оствари нашата примарна цел, а сепак ќе го зачуваме нашиот идентитет. Време е конечно да ја тргнеме „маглата“ која во овој период многу густа, и конечно да ги реафирмираме нашите приоритети, а тоа се Европските вредности на демократско општество, владеење на правото и слобода на говор и мисла, вредности кои изминативе 10 години беа систематски газени и уништуван.

Автор: Вуко Мелов

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk