(КОЛУМНА) Зошто кризата во Македонија има подлабоко онтолошко значење

За многумина можеби перцепцијата за моменталните општествено-политички случувања во Македонија, е дека тоа е само обичен судир на две антагонистички општествени групи, каде секоја се бори за својот интерес. Сепак, според мене, овој анимозитет во кој неколку години се наоѓа македонското општество, има многу подлабоко онтолошко значење.

Ќе започнам со две многу битни, иако на многумина и можеби не толку познати, историски категории и филозофски традиции.

Првата е смислата на зборот „арете“ (ἀρετή), антички идеал и израз за врвна морална доблест. „Арете“ е стремежот кон повисоки вредности. „Арете“ е живот според највисоките морални стандарди. Но, овој збор, толку значаен во античкиот свет содржи две компоненти кои фрлаат дополнително светло на неговата важност и патот до негово достигнување.

„Арете“ не е никаква догма, туку способност да се користи разумот и знаењето да се конципира општествената и природната стварност. Тоа е таа прва компонента, таа нитка која ќе остане потисната во мрачните средни векови, за да повторно се изроди како феникс од пепелта, некаде во Ренесансата.

Втората нитка на „арете“ е поврзана со храброста т.е. со спремноста да се превземе и направи нешто за кое се смета дека е правилно, без оглед на последиците. Романтичарите во 19-тиот век креираат цел поглед на светот врз основа на ова значење на зборот „арете“. Оваа смисла на „арете“ е длабоко вградена во филозофијата и на француската револуција и секако во борбата за човекови права низ 19-тиот и 20-тиот век.

Атинска Школа - Рафаел Санти

Доблеста и достоинството во античкиот свет биле претставени и со идеалот на „калокагатиа“ кој е кованица од зборовите калос-убав (καλὸς) и кагатос-доблесен (κἀγαθός).

Ако продолжиме хронолошки овие идеали се возобновуваат во времето на ренесансата, каде се поставуваат наспроти понизноста, плашливоста и незнаењето, особини кои биле широко распространети низ средниот век и феудализмот. Од време каде понизноста, плашливоста и незнаењето, биле основни општествени вредности на луѓето, се јавуваат луѓе како Леонардо Да Винчи, Санти, Ботичели, Микеланџело и многу други, кои сиот свој кретивен потенцијал го истураат врз темната епистемолошка и онтолошка стварност на средниот век. Знаењето, доблеста, вистината, храброста и способноста повторно се истакнуваат, барем за кратко, како врвни човечки доблести.

francuska revolucija

Но, дури после неколку века тие доблести ќе добијат и општествено-политички призвук. Некаде во времето на Француската Револуција и секако создавањето на Соединетите Американски Држави… Ова е втората филозофско-историска традиција која сакам да ја поврзам со моменталите политички случувања во Македонија.

Не навлегувајќи во подробности, а иако има доста да се пишува, сакам само да издвојам неколку реченици од двата, можеби најважни, историски документи од цивилизациско значење. Првиот е Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од 1789, а вториот е Декларацијата за независност на САД од 1776. Првиот е пишуван од Лафајет, вториот од Томас Џеферсон.

Без дилеми овие два документи ги поставуваат темелите на западната цивилизација и нејзините основни вредности. Тие се врвниот дострел на човековиот разум и темелите на секое демократско општествено уредување. Сакам да издвојам неколку реченици од Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од 1789:

„Законот мора да биде еднаков за сите, без разлика дали штити или казнува“ – член 6

„Општество каде не постои поделба на власта, и каде правата не се обезбедени, нема Устав“ – член 16

Понатаму, можеби најважните зборови, лежат во Декларацијата за независност на САД од 1776, напишани од Џеферсон:

„Граѓаните имаат право, било која форма на власт, која станува деструктивна и ги погазува нивните права, да ја сменат или укинат“

liberty-leading-the-people-eugene-delacroix-painting1335476647026

Зошто го спомнав сето ова погоре? Зошто сето тоа е важно за македонската криза и како е поврзано?

Според мене, владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, изминативе 10 години претставува цивилизациска и човечка деградација, која својата кулминација ја доживеа со одлуката на Ѓорге Иванов, во својство на претседател, да прогласи општа аболиција за сите политичари и лица против кои Специјалното Јавно Обвинителство водеше постапки, но и за лица за кои во иднина се смета дека ќе се поведат кривични постапки од тоа обвинителство.

Со таа одлука, иако гледам многумина и не се баш така вознемирени, формално во Македонија се прогласи општество каде имаме граѓани од прв ред и граѓани од втор ред. Законот сега важи за едни, ама не и за други. Едни ќе одговараат дури и за најмал криминал, а други ќе бидат изземени од одговорност за огромни злоупотреби и криминали.

Но сиот тој цивилизациски регрес, не се состои само во оваа срамна одлука на човекот кој, колку иронијата да биде поголема, некогаш беше професор по политички науки. Уништувањето на цивилното општество и етикетирањето и сатанизирањето на критичарите, уништувањето на слободата на медиумите, изедначувањето на партијата со државата, беспоштедната пропаганда и секојдневните лаги, изборните криминали, каде директно беше нарушено начелото на еден човек, еден глас, се само мал дел од елементите кои од Македонија создадоа општество кое се врати назад од аспект на цивилизацискиот напредок и вредности.

Fountain-of-Eternal-Life

Но, не само општествено-политичката стварност доживеа регрес. Регрес доживеа и индивидуата како личност. Се создаде општество каде најголеми вредности станаа понизноста, стравот, малодушноста, незнаењето, и омразата кон секој што мисли поинаку.

Партијата, која себеси се дрзна да се поистовети со државата, и која си го присвои ексклузивното право да прогласува предавници и патриоти, и подобни и неподобни граѓани, е најголема закана за цивилизациските вредности за кои се бореле нашите предци.

Доблестите како храброст, знаење, достоинство, морал, ги заменија со фразите: „Бегај ќе те обележат“, „Гледај ти да си ја наредиш, што се замараш за некаква правда“, „Сите се исти“, „Џабе ти е протестирање, што може да промениш“…

Создадоа човечки индивидуи на кои работата во администрација и сендвичот на контра-протест им значат повеќе од достоинството, моралот и принципите на правда и еднаквост. Создадоа еден куп циници и релативизатори.

Токму затоа, оваа борба, не е само борба против една корумпирана и криминална власт, туку е и борба за враќање на основните цивилизациски вредности. Ова е борба и крик дека сме индивидуи со морални принципи, достојни и спремни за повисоки достигнувања, каде мислењето, креативноста и потенцијалот сакаме слободно да ги изразуваме без да бидеме рекетирани, понижувани и заплашувани.

На крај, треба да си ги поставиме основните онтолошки прашања: „Што е она што ме прави човек?“, „Која е смислата на моето постоење?“, „Дали за мене постојат поважни вредности од сигурната работа и финансиската егзистенција?“ Јас веќе одамна си одговорив на овие прашања. А вие?

Бувот на Минерва ги рашири крилјата над Македонија. Основниот човечки порив за повисоки доблести и цивилизациски развој се сржта на протестите против диктатурата. Ова е борба за човечко достоинство! Ова е борба на еднаквоста против нееднаквоста. Борба на правдата против неправдата! И ќе победиме во таа борба!

No Pasaran!

Автор: м-р Благој Ѓелевски

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не значи дека го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk