Европските демохристијани и вртат грб на ВМРО-ДПМНЕ

Демохристијанската Европска народна партија (ЕПН), сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ и најголемата политичка формација во ЕУ, конечно призна дека најсериозната пречка на нашиот европски пат не е спорот со Грција туку внатрешната политичка ситуација, пишува Нова ТВ.

Центарот за студии на европските десничари во својот документ за проширувањето на ЕУ кон Балканот, вели дека политичката ситуација во Македонија останува да биде најголемата пречка за преговорите кои се условени со целосна примена на договорот од Пржино.

maxresdefault

Во скицата што ја направи најголемиот поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ во Европа се констатира дека Македонија, која некогаш била прва помеѓу земјите кандидати, назадува на многу полиња и денес, на чело со ВМРО-ДПМНЕ, се наоѓа во ќорсокак.

Демохристијаните сосема се согласуваат со извештаите на Европската комисија дека институциите на државата се сè повеќе политизирани, дека има многу случаи на мешање во судството и во медиумите и дека во земјата нема реален напредок во борбата против корупцијата.

Понатаму се вели дека владата, наместо да ги намалува непотребните трошоци од буџетот, влегла во изградба на контроверзни проекти со статуи и владини згради кои чинат „многу милиони евра”. Според анализата, сега е време за враќање на владеењето на правото а дури потоа избори.