(КОЛУМНА) ДУИнг бизнис кауза

Обидот на албанските новороденчиња да бидат поголеми Албанци од најголемиот Албанец, ќе ги збрише од македонската политичка сцена уште пред да направат првиот нивен чекор. Командат Али вешто ги намами и ги стави во иста каша двајцата нови и надежни опозиционери. Па така наеднаш довчерашните опозиционери, однеднаш се откажаа и од СЈО и од специјалното судско оделение.

Со тоа Али му покажа на секој Албанец кој во знак на протест гласаше против ДУИ, а за овие нови политички субјекти, дека и тие истите не се ништо подобри од “криминалното” ДУИ. Па зошто тогаш да ги комплицираме работите? Зошто командант Али да не биде повторно единствениот репрезент на сите Албанци во Македонија? Зошто да се губи време во разни састанчења во Тирана, кога на крај епилогот е ист?

И така Али и неговата компанија повторно ќе се избори за својата кауза која патем не е Албанска, туку е слична на онаа на ДПМНЕ, бизнис кауза. И повторно ќе си делат тендери, и повторно без прблем ќе си го тераат бизнисот. А политичките новороденчиња ќе пробаат само мал дел од тој “голем” колач, и засекогаш ќе исчезнат од политичката сцена. Ќе останат само едно сеќавање за една надеж на македонската политичка сцена. Али Ахмети е на половина пат од остварувањето на неговата замисла да ги превесла новороденчињата жедни преку вода. Останува да видиме дали новороденчињата навремено ќе ја прочитаат подлата играта на командантот.

 

За секој случај

Една група на голобради момчиња кои за себе велат дека се наследници на комитите, застанаа на браникот на Македонија пеејќи: За шиптари гасна комора! Овие исти голобради албанофоби денес молчат. Молчат во моментите кога нивниот партиски лидер зборува отворено во неговото мегаинтервјуто за: Хашките случаи, за Законот за јазиците и за останатите работи кои тој лично ги има направено за Албанците во изминативе десет години. И ајде после наречи ги неговите слепи следбеници албанофоби или шовинисти. Не, тие не се ништо од тоа. Тие се само обична мизерија која бацувајќи рака на својот партиски шеф нашла свој начин како да преживее. Не да живее, туку да преживува! Луѓе кои не гледаат подалеку од сопствениот интерес.

Меѓутоа и тоа преживување во Македонија не е бадилаја. За да преживете треба да бидете таму каде што партија ќе ви нареди да бидете за секој случај, да пеете националистички песни за секој случај, да му аплаудирате на вашиот партиски лидер кога се умилкува на оние кои од дно на душата ги “мразите” за секој случај, за да за секој случај си го зачувате вашето работното место. Целиот тој национализам е фејк, и завршува со крајот на секој изборен циклус. Прашајте ги сега колку тие ги сакаат Албанците од ДУИ, БЕСА и Алијанса. Прашајте ги по колку пати на ден палат свеќа и се молат за староновата коалиција,  колку пати мерат крвен притисок, и колку апчиња за смирување на ден голатаат.

Не е лесно да се преживува во Македонија, али и не е лесно да се преживува како партиско војниче на ВМРО во Македонија. Али јебига тие одлучиле така да преживуваат, не јас.

 

Граѓански концепт

Граѓанскиот концепт со кој опозицискиот блок предводен од СДСМ доби повеќе од 430.000 гласови во иднина може само да расте, единствено доколку принципиелно до крај останат на истиот. Напишав и во минатата колумна дека непренципиелни коалиции на СДСМ не треба да му паднат на памет, поради тоа што ќе биде јавно масакриран од страна на самите подржувачи на тој концепт. И тоа во пресрет на локалните, и евентуалните нови предвремени избори.

Неостварените желби на некои поедини елитисти, кои вечерта на 11-ти декември се видеа себеси во удобните директорски и министерски фотељи, и ја славеа нивната лична победа а не победата врз режимот, мора да престанат. Сега е клучниот предизвик пред Зоран Заев кој треба силно да ги држи сите конци во партијата, и да им даде до знаење на сите дека нема влегување во Владата по секоја цена. Дека нема Влада со СДСМ без исполнување на оние базични улови за кои сите ние постојано трубиме, а се однесуваат на: пакетот за СЈО, специјално судско оделение, и исполнување на препораките од Прибе.

Платформата на Албанците е очекувано националистичка, максималистичка и нереална, занемарувајќи ги притоа базичните причини поради кои поминуваме низ оваа двогодишна голгота. Во тој текст, нема една реченица која соодвествува на решавање на политичката криза, па поради тоа поставените условите се моментално секундарни прашања. Она што е важно е да опозицијата не падне на оваа националистичка игранка помеѓу старите коалициони партнери, и да ја фокусира дебатата во јавноста на прашањата кои се важни за крајот на политичката криза. Доста си ги вадеме очите меѓусебе додека тие заеднички го делат чоколадото.

Автор: Вуко Мелов

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не значи дека го претставуваат мислењето на Редакцијата на doznaj.com.mk