Дали хрватскиот го заменува бугарскиот пасош?

Изминативе неколку години, особено младите Македонци, во потрага по работа и подобра егзистенција во некоја од европските земји, аплицираа за бугарски пасоши. Но, деновиве се поактуелни стануваат и хрватските, откако Хрватска стана членка на ЕУ.

бугарски-хрватски пасош

Вчера во разговор со двајца млади луѓе дојдовме до информација дека хрватскиот пасош станува се популарен кај оние кои бараат работа во некоја земја од Европската Унија.

Досега, бугарскиот пасош, најлесно можеше да се извади, т.е. само со изјава за бугарско потекло. Но, откако бугарската влада ги затегна и заостри критериумите, многу млади Македонци почнаа да бараат други алтернативи.

Така, според информациите, целата постапка одела преку посредници кои за 200 евра ја отпочнувале постапката за вадење хрватски пасош. После одреден период од година време, откако ќе се сределе документите се доплаќала и останатата сума која варирала од 1000 евра, па нагоре.

Сепак, информациите сеуште не се потврдени, и не знаеме дали можеби ова не е само измама или документите навистина се добиваат.

Како и да е, темата е актуелна помеѓу младите и тие се повеќе се интересираат за можноста да добијат хрватски, наместо бугарски пасош.