Дали Ердоган е новиот Хитлер?

Не само по изгледот, туку и по начинот на владеење и уништување на противниците, многумина го поистоветуваат Ердоган со Хитлер, една од најмрачните фигури во светската историја.

Erdogan-Hitler

Оние кои барем малку знаат историја, знаат дека Хитлер на власт дојде преку демократски избори со подршка на огромно мнозинство од германскиот народ. Во 1933 година, неговите подржувачи го запалија Германскиот Рајхстаг (Парламент) и тој за тоа ги обвини Комунистите, по што почна прогон против сите кои беа против Национал-Социјалистичката Партија на Германија.

Постојано измислуваше внатрешни и надворешни непријатели, со цел да наоѓа изговори за систематски да ги уништува слободите и правата на сите оние кои тогаш живееја во Германија (Вајмарската Република).

Зарем не ве потсетува ова на владеењето на Ердоган? На уништувањето на слободата на говор, на владеењето на правото, на затварањето и прогонот на противниците, на постојаното измислување надворешни и внатрешни непријатели, и тоа се во име на единството на Турција.

Како се уништува демократијата во име на демократијата

Демократијата е кревок политички систем, кој низ историјата не се покажал имун на популисти и националисти, кои успеале со силна пропаганда да го заведат мнозинството од популацијата и да ја претворат демократијата во една тоталитарна автократија.

Се почнува со подредувањето на индивидуата на колективитетот. Демократијата не значи наметнување на војлата на мнозинството врз малцинството. Таа значи принципи, вредности и слобода. Демократијата без својата либерална компонента ја губи смислата.

Токму тоа се случува изминативе години во Турција. Па видете ги само спотовите од политичката кампања на Ердоган од последните избори. Луѓето се претставени како мравки (читај: зомби), кои го предаваат својот индивидуалитет на поголемото „добро“ – државата, и секако лидерот.

Измислување непријатели

Понатаму, постојано се бараат непријатели. Ако не се најдат се измислуваат. Не знаеме дали воениот удар во Турција беше измислен, или поттикнат, но сепак многу елементи во него потсетуваа на театар, беа сомнителни и секако на крај сето тоа дојде во прилог на Ердоган, кој доби изговор да се пресмета со политичките неистомисленици.

Преку 6000 луѓе се приведени, а 3000 судии се отпуштени од работа. Претходно, само за текст против „лидерот“ беа осудувани новинари на долгогодишна робија. Дури и писателот нобеловец Орхан Памук беше осуден на 10 години затвор, да подоцна биде помилуван.

Даровите на Провидението

Хитлер, бројните неуспешни атентати против него ги нарекуваше „Дар на Провидението“, Ердоган воениот удар го нарече „Подарок од Алах“ за да ги исчисти неподобните елементи од војската и државата.

Национализмот и фанатизмот со кој Германците влегоа во Втората Светска Војна, да војуваат против целиот свет, не им недостасува ниту на Турците, кои се фрлаа пред тенковите за да го спасат лидерот. Сепак, не верувам дека Ердоган има амбиции да војува со други земји. Неговата „визија“ е создавање на Турција како еден вид Исламски Калифат, каде тој ќе биде вечен владетел и султан.

И тоа е сосем спротивно од Визијата на Ататурк за секуларна и модерна Турција.

„Јас немам религија. Понекогаш посакувам сите религии да пропаднат на дното на морето. Оној кој ја користи религијата за да владее е слаб владетел и ги носи луѓето во замка“ – велеше големиот Ататурк.