Во исчекување на најголемото фудбалско дерби во Македонија

ФФМ веќе го прогласи за натпревар од висок ризик, што значи дека натпреварот ќе биде обезбедуван од единиците на ЕБР. Се очекува 4-5 илјадна публика, а навивачите и од двата тима забрзано ги спремаат своите кореографии. Во недела со нетрпение се очекува најголемото фудбалско дерби во Македонија.

1233570_348271985306976_1369337643_nВо недела во 15:30 часот ќе се одигра најголемото фудбалско дерби во македонскиот фудбал. И сигурно ќе се изненадите. Не играат Вардар-Пелистер, Шкендија-Ренова, ниту било кои други тимови од Првата фудбалска лига. Играат Тиквеш од Кавадарци и Вардар од Неготино во Третата македонска лига – југ.

Можеби насловот ви звучи пренагласено, но посетете ги деновиве овие два тиквешки града и ќе сфатите за што ви зборувам. Само за илустрација, на ланскиот натпревар во Кавадарци, помеѓу овие два тима, имаше 4000 илјадна публика, што беше неколку пати повеќе од публиката заедно на сите прволигашки и второлигашки натпревари во Македонија, тој викенд.

Кавадарчани и Неготинци многу сериозно го сфаќаат овој натпревар. Ривалитетот помеѓу овие два тима постои уште од многу одамна. Секој натпревар помеѓу овие два тима бил прогласуван за натпревар со висок ризик, бидејќи неретко се случувале инциденти помеѓу навивачките групи на двата тима, Лозари од Кавадарци и Винари од Неготино.

CAM00634

Оваа парола денеска ја затекнавме во еден од парковите во Кавадарци, каде сите, и млади и стари со ентузијазам зборуваа за неделниот натпревар. Постарите ни раскажуваат дека овој ривалитет постоел отсекогаш. На некој поодамнешен натпревар, Тиквеш победил со резултат 13:12, во натпревар каде биле досудени рекордни 10 пенали.

Интересно што го раскажуваат Кавадарчани, од поскоро време, е кога на некој меѓусебен натпревар, Лозари, на трибините донеле вистински семафор, како шега на сметка на Неготинци, кои немале семафор во градот. Некои раскажуваа и за доста немили настани и тепачки кои се случувале помеѓу двете навивачки групи, како и помеѓу навивачите и полицијата. На ланскиот натпревар, морале да интервенираат и специјалните полициски сили ЕБР.

531920_348271695307005_1464604310_n

Денеска во кафе бар Пикасо во Кавадарци, разговаравме со тројца фудбалери на Кавадаречкиот тим, Никола Вареловски, Симеон Симеонов и Александар Ангелков, кои изјавија дека со нетрпение го очекуваат неделното дерби. Голгетерот на Тиквеш, Симеонов, самоуверено изјави дека одат на победа и ништо друго.

И останатите фудбалери, изјавија дека ќе дадат се од себе да победат и да ги израдуваат навивачите и кавадаречката публика.

На фејсбук успеавме да го контактираме и еден од водачите на навивачката група Лозари, кој изјави:

„Навивачката група Лозари спремно го дочекува комшиското дерби во Тиквешијата и уште еднаш ќе покаже на трибините, како се бодри, и како се бори за својот клуб да стигне во повисок ранг, онаму каде што заслужува да биде Тиквеш и кавадаречкиот фудбал и во овие тешки моменти за организирање и функционирање на клубот, за кој се бориме веќе трета година по ред да го вратиме стадионот на градот и да ги подобриме условите на него, се со една цел за подобар Тиквеш. Се надевам дека фудбалерите ќе ни возвратат со победа и ќе успеат да се одржат во трката за Втора лига“.

154451_348271708640337_194923832_n

Неготинските навивачи, исто така најавија масовно присуство на натпреварот. Според нашите информации од Винари, 5 автобуси во недела ќе допатуваат во Кавадарци.

И Неготинци очекуваат победа од своите миленици на теренот, и изјавија дека ќе им биде особено драга бидејќи ќе биде на теренот на најлутиот фудбалски ривал.

Целата Тиквешија овие денови пулсира во исчекување на овој натпревар. Бодовите можеби и дури не се толку важни. Важна е гордоста, честа и победата над најголемиот ривал. За многумина, победа во овој натпревар е рамна на влез во Втората лига.

Сепак, во разговорите со Кавадарчани, забележавме и незадоволство од односот на локалната власт кон фудбалот и особено кон стадионот, кој можевме да забележиме дека е во доста руинирана состојба, што не заслужува еден ваков град, каде фудбалот е навистина важна работа.

Во недела, без дилеми ќе биде тензично и борбено, но да се надеваме дека ривалитетот ќе се одрази само на теренот, а на трибините ќе се навива спортски и достоинствено, што ветија и водачите и од двете навивачки групи. Репортер на Дознај.ком.мк ќе биде присутен на натпреварот и со фотографии и снимки ќе ве информираме за случувањата од ова необично големо третолигашко македонско фудбалско дерби.