(ВИДЕО) Како се трошат народните пари?

Во вторникот во Скопје се одржа Економски Форум под името Фискаст, каде беа претставени наодите од десетина кост-бенефит истражувања за трошоците и придобивките од неколку јавни политики. На Форумот исто така, беше претставено и илустративно видео за тоа како се распределуваат буџетските средства во Македонија.

fiscast 1

Во проектот ФИСКАСТ, што означува фискална одговорност, одржливост и транспарентност, спроведен од Економскиот институт Finance Think, како и од десетина други организации ширум Македонија, биле анализирани девет јавни политики, за кои се направени кост бенефит анализи за тоа колку изнесуваат нивните трошоци, но и придобивките за општеството и граѓаните од секоја од нив.

Биле анализирани следниве јавни политики: Политика на привлекување на странски директни инвестиции, изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, дисперзираните високообразовни студии, инвестициите во заштита на животната средина преку управувањето со отпад, либерализацијата на електрична енергија, политиката на субвенционирано вработување млади лица, политиката на трето дете, политиката на субвенции во земјоделството, и загадувањето на воздухот во Тетово.

fiscast 3

Како финален производ на целокупниот проект е издавањето на публикацијата „Како се трошат народните пари?“, чие електронско издание може да го најдете на следниов линк. Исто така, беше промовирана и веб платформата www.fiscast.mk, која е всушност ресурсна веб платформа за градење капацитет и алатки за фискална одговорност, одржливост и транспарентност во Македонија.

На веб страната се претставени графички наодите од сите истражувања, но има и останати корисни апликации за истражувачи и носители на одлуки.

Ви ја пренесуваме и изјавата на Благица Петрески извршниот директор на Finance Think и координатор на целиот проект:

„Анализите покажаа дека дел од избраните политики имаат јасна позитивна нето сегашна вредност, односно долгорочните бенефити од нив значајно ги надминуваат трошоците, без оглед што на краток рок тие трошоци (може да) изгледаат значајни. Кај друг дел политиките беа оценети како неутрални, односно со нето сегашна вредност близу до нула. Сепак, кај некои од нив, резултатот зависеше и од влезните претпоставки на моделот, имајќи го предвид фактот дека дел од ефектите од политиките во иднина се проценуваа. Две политики беа недвосмислено негативни, односно народните пари што за нив биле потрошени не се економски оправдани.“

Конечно, како финален производ од целокупниот проект беше и ова кратко, но многу илустративно видео, за тоа како се трошат народните пари во Македонија т.е. како се распределни средствата од буџетот.