(ВИДЕО) Алармантна ситуацијата со загадувањето во Кавадарци

Скопје, Тетово и Кавадарци се трите најзагадени града во Македонија, според податоците од Министерство за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, објавени на официјалниот веб сајт за мерење на квалитетот на воздухот. Ситуацијата е навистина алармантна.

feni

Денеска во нашата Редакција добивме неколку пораки со поплаки од жители на Кавадарци, кои до нас испратија фотографии и видео каде е прикажан Кавадарци покриен со слој од бел чад.

Проверивме на официјалниот веб сајт на Министерство за животна средина и просторно планирање на Република Македонија за мерење на квалитетот на воздухот, каде според податоците, воздухот во Кавадарци е енормно загаден, особено концентрацијата на честички со големина до 10 микрометри PM10. Податоците ги има на следниов линк.

Според Министерството за животна средина и просторно планирање, прагот на алармантно загадување, за суспендирани честички со големина до 10 микрометри PM10 (5 последователни дена со среднодневни концентрации над 50 mg/m3) е надминат на мерните места Кичево, Лисиче, Центар, Тетово и Кавадарци.

Според Кавадарчани, енормното загадување најмногу се должи на загадувањето од фабриката ФЕНИ Индустри. Ова тврдење Кавадарчани го поткрепуваат со фактот што од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање е дозволено компанијата ФЕНИ Индустри, да го зголеми процентот на гума во вкупното гориво што го користи од 15% на 25%.

Жителите на овој град од Централна Македонија, познат по лозјата и виното, големи критики упатуваат и до Градоначалникот Александар Панов и до локалната власт, која, според нив, не превзема ништо да го реши проблемот.

„Ќе дадат пари за изградба на плоштад или црква, за да ни замачкаат очи, и за да не биде барано од нив да постават филтри на оџаците. Локалната власт и градоначалникот на Кавадарци го толерираат ова однесување на ФЕНИ, кое е најмногу на штета на здравјето на жителите на Кавадарци“ – беше една од пораките од жителите на Кавадарци.

image-3e732a7e79a4387c60f14224ea3c21450da4c747c597984cad8e16702c4b0c77-V

Пред само 2 недели во јавноста се дозна дека тројца вработени во Министерството за животна средина се уапсени за примање поткуп од компанијата „ФЕНИ Индустри“.

Директорот на Управата за животна средина, како и една инспекторка од Државниот инспекторат за животна средина беа приведени за примање поткуп.

Според шпекулациите, компанијата ФЕНИ Индустри, им плаќала пат до Англија на вработени во управата за животна средина за да гледаат натпревари на Манчестер Јунајтед.

Изгледа тоа им било многу побитно од здравјето на околу 40.000 жители и околните села кои гравитираат околу Кавадарци.

Критики и поплаки за загадувањето, изминативе неколку дена имаше и од граѓаните на Тетово и Скопје, каде исто така прагот на дозволени честички PM10, беше многу над дозволеното скоро една недела во континуитет. Надлежните органи, министерставата и Владата, делуваат многу пасивно, оставајќи слика дека побитен е профитот на неколку фирми, отколку здравјето на илјадници жители на Тетово, Скопје, Кавадарци и Кичево.