Век и половина од „Злосторство и казна“

Фотографии од Санкт Пeтербург од XIX век, предмети поврзан со заплетот на романот, целиот текст проектиран на ѕидови, се дел од изложбата под наслов „Злосторство и казна“, отворена по повод 150-годишнината од појавувањето на ова книжевно ремек дело, која ги води посетителите длабоко во светот на Фјород Михајлович Достоевски.

Музејскиот простор инаку е сместен во куќа во центарот на поранешната престолнина на царска Русија, во којашто самиот Достоевски некогаш живеел и творел.

Романот „Злосторство и казна“ излегувал во текот на 1866 година во месечни продолженија во локално списание. Зборува за Родион Расколников, млад осаменик кој ги отфрла колективните морални начела и е подготвен со убиството на омразената лихварка да ги испита лимитите на својата слобода и моралниот поредок.

dostojevski

Романот уште на почетокот доживеал успех. Многу брзо е преведен на неколку јазици, на француски, англиски и на германски. „Злосторство и казна“, заедно со „Браќа Карамазови“ и „Идиот“, е најуспешното дело на Достоевски и класик на руската и светската книжевност.

На изложбата целиот текст е проектиран на ѕидовите, а некои исечоци се истакнати заедно со фотографии од тој период, како и со предмети за коишто говорат. Веродостојно е доловена мирната и истовремено сива и мрачна атмосфера на тогашен Санкт Петербург.

Организаторите велат дека изложбата ги одразува трите слоја, или димензии, на ова комплексно дело. Притоа, првата го претставува Санкт Петербург, куќите, дворовите, каналите и таверните.

Втората го оцртува времето во кое се одвива дејствието на романот, преку презентација на оригиналните предмети, како што се на пример „жолтите легитимации“, картичките кои полицијата им ги издавала на проститутките по извршениот лекарски преглед, каква што имала една од хероините во романот. Детално е реконструирана у собата во којашто е извршено убиството со сите предмети коишто, според авторот, се наоѓале во неа.

Во ова комплексно дело, Достоевски испреплетува низа филозофски и религиски ставови, како што се прашањата за границите на слободата, легитимитетот на насилството, цената на човековиот живот…., што ја претставува третата димензија, односно слој на делото.

„Со оваа изложба сакавме да одговориме на сите прашања од романот и да ги покажеме сите аспекти за коишто зборува. Злосторство и казна е важен извор на знаења и неисцрпни идеи“, вели Наталија Ахимбаева, директорка на Музејот Достоевски во Санкт Петербург во кој е поставена изложбата којашто ќе биде отворена до март годинава.