Брисел: Се надеваме дека оваа недела ќе се одржи лидерска средба за изборите

Брисел се надева дека оваа недела ќе се одржи лидерска средба на која партиите ќе поведат иницијатива за договор за организирање на фер избори. Од Европската комисија велат дека се во постојан контакт со партиите и ги следат случувањата во Македонија.

„Делегацијата на ЕУ е во постојан контакт со партиите и се надеваме дека тие ќе се согласат да се сретнат оваа недела“, вели за „Мета“ Маја Коцијанчич, портпаролка на Европската комисија.

liderska-18-05-2015-670x400

СДСМ смета дека се исполнети условите за одржување лидерска средба на која ќе се разговара за одржување на фер и демократски избори, а ВМРО-ДПМНЕ чека некој да ги покани на средбата.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, вели дека лидерската средба нема што да понуди за излез од кризата и дека таква средба би била несериозна и не верува дека ќе се одржи.

Пратеникот на ДУИ, Рафиз Алити, смета дека лидерски средби треба да се одржуваат затоа што се во интерес на граѓаните, а за фер избори најпрво мора да се создаде политички амбиент.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, вчера повика на одржување на средба меѓу лидерите или на кое било ниво за да се разговара за условите за фер и демократски избори, а лидерот на владејачката партија, Никола Груевски, пак, рече дека неговата партија би присуствувала на лидерска средба, но претходно мора да ја знаат темата и планот за средбата.

– Досега никој не нè контактирал за одржување на лидерска средба. Ние, секако, би прифатиле, но добро е да има претходни договори и подготовки околу темата на средбата затоа што за граѓаните не е добро да се одржуваат лидерски средби, без претходно добро подготвен план и тема, особено затоа што секогаш нас нè обвинуваат ако пропадне средбата – рече Груевски.

Тој додаде дека во моментов нема ниту иницијатива, ниту тема за одржување лидерска средба.