Атлетико Мадрид прв финалист во ЛШ

Атлетико Мадрид е прв финалист во Лигата на шампионите, откако „слатко“ загуби со 2-1 од Баерн Минхен на „Алијанц арена“, а тоа поради минималниот триумф (1-0) во Мадрид беше доволно за пласман во големото финале што ќе се игра на „Сан Сиро“ во Милано на 28 мај. Избраниците на Диего Симеоне ќе го чекаат за ривал подобриот од пресметката меѓу Реал Мадрид и Манчестер сити.

Германскиот првак фуриозно го започна мечот, беше доминантен, а тоа го валоризира Чаби Алонсо од слободен удар, со погодокот во 31.минута. Само три минути подоцна, беше досуден пенал за Баерн Минхен, но Јан Облак успеа да го одбрани шутот на Томас Милер.

"527705694"

На стартот од вториот дел, Атлетико Мадрид изведе смртоносен контранапад во 54.минута. Фернандо Торес го проигра Антоан Гризман, кој излезе сам пред Мануел Нојер, и успеа да ја затресе мрежата на домаќинот.

Беше тоа резултат што апсолутно им одговараше на фудбалерите на Атлетико Мадрид.

Но, Баерн Минхен не се предаде така лесно. Во 74.минута, Давид Алаба нафрли од левата страна, Видал со глава ја врати топката до Роберт Левандовски, кој од непосредна близина со удар со глава донесе нова предност (2-1) за германскиот тим.

Во 84.минута, Фернандо Торес изнуди пенал за гостите, самиот го изведе, но Мануел Нојер го одбрани неговиот удар и ја продолжи надежта за баварскиот состав. Сепак, до крајот неговите соиграчи не успеаја ниту да пронајдат пат за трет гол во мрежата на Јан Облак.